Дали би пробале? Ова се најчудните сладоледи на светот

Сигурни сме дека секој од вас има свој омилен вкус на сладолед. Но за разлика од порано кога можеа да се најдат само основните вкусови: чоколадо, ванила, јагода, банана, сега има најразлични, но и многу необични и ако мислевте дека се најчудни оние од лук и сенф, се лажете.

0
350

Денеска производителите секојдневно се надминуваат себеси па така можат да се најдат најразлични состојки на сладолед во слаткарниците, почнувајќи од круши и дуњи, преку ѓумбир, мајчина душица и лаванда, па сѐ до чизкејк и трилече – сѐ што можете да замислите.

И кога мислите дека веќе сте ги пробале сите вкусови, сфаќате дека некои уште одамна отишле уште чекор понатаму и ги поместиле границите на традиционалното производство на сладоледи до невидени размери.

Но еве кои се 10 најчудни состојки за сладолед и размислете дали би ги пробале?

Мајчино млеко – Секако, прво место на оваа листа. Една слаткарница од Лондон во 2011. година лансирала сладолед под називот „Baby Gaga“. Основна состојка е свежото мајчино млеко собрано од донации, кое потоа се меша со ванила од Мадагаскар и лимон за да се добие единствен вкус. Ние мислиме дека мајчиното млеко е само по себе доволно единствено, што мислите вие?

Инсекти – Компанија од Колумбија направила во 2011.специјална серија сладоледи која е распродадена за неколку часа. Сладоледот се прави такашто вработените собираат инсекти, им ги кинат крилцата и ги готват, а потоа ги ставаат во кафеан шеќер и млечно чоколадо. Основна база за сладоледот се кафеавиот шеќер и вкусот на путер.

Кралско пилешко – Во чест на крунисувањето на кралицата, во Велика Британија во 1953. година се појавил овој единствен сладолед. Станува збор за ладно пилешко, кари сос и суво грозје во мајонез.

Пица – Овој сладолед се прави од мешавина на свежа моцарела, лук и домати. Наменет е за сите љубители на пица на кои не им се чудни секакви вкусови на сладолед, па би јаделе пица дури и во облик на сладолед.

Јагнешки изнутрици – Стоковната куќа „Harrods“ од Лондон го нуди овој традиционален шкотски специјалитет во облик на сладолед. Инаку се сервира како главно јадење во облик на колбаси.

Чаден лосос – Во Квинс е направен овој сладолед на предлог од муштериите. Освен лосос, содржи и сос од сирење.

Коњско месо – Oна што е малку познато е дека, покрај сушито кое е направено од сирова риба, Јапонците сакаат да јадат и сирово коњско месо. Токму тоа е и состојката на еден специјалитет во Токио.

Појадок во кревет – Во Делавер постои слаткарница која прави сладолед од сланина, во комбинација со разни додатоци. Еден од специјалитетите е токму „Појадок во кревет“, направен од африканска ванила, пастеризирана жолчка, јаворов сируп и сланина, секако.

Маст од ирвас – Eскимски сладолед под називот „Akutaq“ се прави од маст на ирвас која се меша со свежо паднат снег или мраз, свежи бобинки, а некогаш и мелена риба.

Васаби – На Филипините и во Јапонија може да се најде сладолед со васаби сос, за сите оние на ки ништо не им е доволно луто. Освен што одлично оди со сирова риба, овој сос е состојката на еден изненадувачки јадлив сладолед.

Фото: Pixabey