Чија баба подобро готви, чија ракија е подобра?

0
557

Насмеан, позитивен, расположен, дружељубив, но и мајстор на својот занает, тоа е впечатокот за Мирко Веселиновиќ, сопственик на дестилеријата Бенишек-Веселиновиќ од Сремски Карловци по средбата со него на вчерашното кулинарско шоу во „Јавна соба.

„Во Скопје дојдов со моите пријатели од бендот Кило Кило банда кои овде се и како мои асистенти во готвењето војводински паприкаш. Сите уживаме во готвењето, во добро вино, ракија и храна, а токму хедонизмот е веројатно и причина за квалитетот и успешноста кои ги имаат производите на компанијата Бенишек-Веселиновиќ.
До формирањето на компанијата, и до моја професионална определба во овој правец, дојде спонтано. Сите ние во овој дел од Балканот сме имале некои баби и дедовци кои имале казани за ракија и вареле своја ракија во дворовите, па и јас во детството сум имал такво искуство. Секогаш ме интересирало и ми се допаѓала атмосферата во која ова се правело, па мојата прва ракија која самостојно ја направив беше на мои 18 години. Тоа беше ракија од круши. Потоа отворив клуб кадешто ја продавав својата ракија, па малку по малку почнав се посериозно да пливам во тие води. Во 2009.година кога беше големата економска криза, си реков, бизнисот со ракија никогаш не може да пропадне, затоа што луѓето секогаш сакале да пијат и секогаш ќе пијат ракија, па така ги напуштив сите мои дотогашни работи и ангажмани и почнав сериозно со оваа работа. Нашата куќа во Сремски Карловци е една од најстарите куќи во градот и јас и моето семејство, сопругата, децата, но и нашите родители кои имаат искуство со ресторани, организираме дегустации, готвиме и што е најважно, уживаме во нашата работа“, раскажува Мирко Веселиновиќ.

Винскиот рај, да стане и ракиски

Сремски Карловци е мал војводински град со околу 10 илјади жители и околу 30 винарии, па е познат и како вински рај, но во компанијата Бенишек-Веселиновиќ имаат желба да го направат својот град препознатлив и по производството на ракија. Па така таму, покрај стандардниот вински опус (но и преубавото вино со 22 зачини кое кога ќе го пробате ќе ви стане јасно каков би требало да е вкусот на она што во грчката митологија е познато како нектар на боговите), прават и одлична ракија и врвен коњак познат како „Специјал“. Она што е најинтересно за нас се нивните овошни ракии. Освен од грозје и сливи, тие прават и ракија од кајсии, круши, дуњи, но и специјална ракија со додаток на зелени ореви, таканаречена ораховац.
Ова е нивно прво претставување во Македонија, но со оглед на реакциите на присутните на дегустацијата во „Јавна соба“, сигурно не и последно.
„Добра ракија се прави од добро овошје, а исто така, оној што ја прави ракијата мора и да ја сака. И секогаш е најдобро овошјето да е свежо и здраво, ракијата мора да мириса, а да не биде кисела или горчлива. Ракијата е вистински пијалок, во кој треба сериозно да се ужива.
Исто така, нам ни е важно овошјето да биде и локално. Тоа треба да проврие, а потоа се додаваат ензими и квасци во крушите и во дуњите, додека за другите типови на ракија, не додаваме ништо. И додека повеќето луѓе кои прават ракија од круши, ја прават со круши Вилијамовки, ние кај нас ја правиме со круши Калуѓерки. Искрено, пробувавме различни варијанти но сметам дека се потребни добри десетина години за да најдеш што е најдобро, и што сакаш да правиш. Нашата ракија од круши нема многу арома и мирис, но е многу питка, и за неа имаме добиено и златни и сребрени медали на некои интернационални саеми па секако дека ни значи тоа што таа не ни се допаѓа само нам. Ракијата е еден исклучителен пијалок, но од него не треба да те боли глава. Значи, во ракијата треба да се ужива и таа да се консумира полека, таа е наше, балканско наследство и треба да го чуваме. Има луѓе кои сакаат по една чашка ракија наутро, за да ги убијат бактериите, други ја сакаат со кафе и цигара, трети со мезе, и додека секаде во светот таа е дигестив, кај нас на Балканот е аперитив. Како и да е, јас сакам да направам се Сремски Карловци освен како вински рај, да биде препознаван и по добрата ракија“, вели нашиот соговорник.

Овошни ракии

Оваа дестилерија и винарија има свои 4 хектари виногради, кајсиите се исто така локални, од пријател на Мирко, а со друг пријател планираат да засадат и дуњи.
Негов фаворит е ракијата од круши зашто е навистина посебна. Оние оние кои доаѓаат на нивните дегустации тие ги прашуваат дали се вистински љубители на ракија или само сакаат да пробаат, кога сакаат само да пробаат им даваат ракија од кајсии, а на вистинските ракиски типови, им ја нудат ракијата од круши.
„Во Војводина секогаш има соседи кои ќе кажат, мојата ракија е подобра од твојата. На пример, неодамна добив шише ракија од грозје од еден пријател, па му се заблагодарив, и му кажав дека ќе ја испиеме, а тој ми рече: Не, не, ти ја донесов за да ја ставиш во твојата, да ја облагородиш. Ете тоа се некои такви другарски духовити забелешки, ништо од тоа не е злобно, само тоа е тој наш војводински хумор. А каква ќе биде ракијата зависи не само од овошјето, од казанот, од мајсторот, туку и од расположението“, тврди Мирко, а со оглед на неговото расположение, убедени сме дека се што се произведува и се готви кај нив е со врвен квалитет.

Војводински паприкаш

Што се однесува до специјалитетот по кој се најпознати во Сремски Карловци – војводинскиот паприкаш зготвен од најдобрите локални продукти, шеф Мирко вели:
„За добар војводински паприкаш треба: добро друштво, музика, добро вино домашен кромид и лук, одлична мелена пиперка, свинско или јунешко месо, сол, црн пипер, ловоров лист и една лажица вегета. Тајната пак е во неколку капки екстракт од лута пиперка исто така локална, кои секој си ги додава во својата чинија.
Покрај наследените нешта, односно Тајните, за готвење треба истите навистина да ги уживаш, за да може добро да зготвиш паприкаш. Секој во нашето потесно друштво готви и секој е подобар од другиот.


Чија баба подобро готви, нашата или вашата? Се шегувам, но навистина сè тргнува од предците и од тоа дали си заинтересиран за истото. Во нашето семејство, на двете страни се сериозни готвачи и угостители, па дури и нашите деца сакаат да готват затоа што секојдневно гледаат како се готви гулаш, паприкаш, супи, и секојпат сакаат да помогнат. А ти мора да им дозволиш да има и брашно и јајца на масата и на подот, да се завиткаат сарми иако погрешно, бидејќи тоа е смеа и љубов. А на крајот, тој мирис на готвење и храна останува в глава засекогаш. И така стануваш готвач и уживател и тоа го пренесуваш од колено на колено“, вели Мирко, чија компанија се труди да не биде компанија, туку пријателска дружина која го пружа она што мисли дека е најдоброто од вино, ракија и храна, односно од севкупните вкусови на уживањето.
„Ќе се обидеме да ги доближиме нашите пријателски вкусови за музика, храна и вино, а секако и да го пробаме вашето вино и да ги јадеме вашите пастрмајлии, шкембе чорба, тавче гравче, кукурек, ајвар и други специјалитети“, им порачува Мирко на читателите на „Арт кујна“.

Драгица Христова