Асан Даутовиќ, ПР и десна рака на најдобрите готвачи од Македонија

0
3248

Асан Даутовиќ е роден во скопско Дебар Маало и се уште живее тука, во епицентарот на Скопје, или како што уште го нарекуваат скопската Скадарлија. Сепак, ако сакате да го најдете, не го барајте таму, туку во старата скопска чаршија кадешто е професионално ангажиран како менаџер на единствениот ланч-бар во овој дел од градот.

Работи како менаџер во „Аустриан Палас“, во старата скопска чаршија со чиј сопственик и шеф Исак Камбери, зборувавме неодамна, но има и други ангажмани во истата бранша.

Асан завршил средно образование како машински техничар, но ете, животот понекогаш има чудни патеки, па некој што мислел дека ќе биде добар во една област, подоцна се нашол себеси во некоја сосема друга. Нашиот соговорник не е готвач, но е на „ТИ“ со сите најдобри готвачи кај нас и нивен верен придружник, менаџер и ПР, дегустатор на сите нивни чудесни рецепти и нивен строг критичар и поддржувач.

Во угостителството работи од 2004.година со тоа што прва работна позиција му била онаа на помошник-шанкер во хотел со 5 ѕвезди.

Со тек на времето се стекнал со доволно искуство и самодоверба за да конкурира во друг хотел за поголема позиција. Станал шеф на ресторан

во друг хотел со 5 ѕвезди, а за кратко време му била понудена позицијата на F&B (food and beverage) менаџер која со задоволство ја прифатил.

„По успесите што ги  постигнав на таа позиција и мојата добра организација, добивав позитивни коментари и почна заинтересираноста на други ресторани за соработка со мене. Така почнав со мојот друг ангажман, односно, обучување на келнери и поставување на стандарди на послужување и квалитет во новоотворени ресторани кои ме ангажираат за таа намена. Немам некое соодветно образование, но искуството и љубовта кон оваа професија си го направија своето. Тренинзите опфаќаат обука за начинот на послужување, начин на поставување на маса, служење по протокол. Се разбира, зборувам за ресторани на повисоко ниво во кои келнерите треба да знаат, меѓудругото, и како да ги презентираат вината, како да ја послужат храната, треба да знаат како се приготвува храната, да ја пробаат за да знаат што треба да кажат кога ќе ги праша гостинот. Многу од децата кои се јавуваат на огласите за работа, работеле претходно во кафуле и нормално дека не знаат како треба да се послужува во еден ресторан. Иако обуките траат најмалку една недела, ако некој се пронајде себеси во оваа работа како што се пронајдов јас, нема да има проблем да научи и да се усоврши. Благодарение на соработката со другите ресторани и хотели и големиот круг на познаници се запознав со најпознатите, најдобрите и најпрестижните готвачи кај нас.

Со тек на меѓусебното дружење се договоривме да формираме и формиравме здружение на готвачи кое се роди под името „Macedonian multiethnic culinary chefs“ (MMCC).

Во здружението ми беше понудено место како ПР менаџер и секако, со задоволство го прифатив затоа што ми е навистина чест да бидам претставник на едно такво здружение“, раскажува Асан.

Бидејќи е голем гурман, а дружбата со најдобрите му го истенчила вкусот, тој редовно ги пробува нивните гурмански марифетлаци и по натпреварите и во рестораните кадешто работат.

И секако, неговото мислење за рецептите внимателно се слуша бидејќи се тие веќе еден добар и испробан тим во вистинска смисла на зборот.

Освен што е гурман, Асан е и љубител на убаво вино па најмногу ужива кога пред него „лежи“ некоја добра риба и чаша бело вино.

„Секако, не ги менувам вината од нашата Македонија кои се далеку познати и во светот, за ниедно друго вино“, вели тој.

Како менаџер на ланч-барот „Аустриан Палас“ пак, вели дека со оглед на имиџот кој го има местото како прво мултиетничко место во кое доаѓаат луѓе од сите националности, и во кое и вработените се од сите националности, освен од ромската бидејќи досега немало заинтересирани, Асан порачува доколку има некој кој сака да ја работи оваа работа а е од ромска националност, слободно да му се јави.

Инаку, Асан максимално се вложува и тука, и како соработник и „тренер“ на новоотворените ресторани, и како ПР на здружението на готвачите, па не залудно својата доверба му ја дала и целата чаршија кога се организирале концертите на 25. и 26. август во рамките на Скопје 2017.

„Се договоривме тоа да биде настан што ќе се слуува секоја година на овие датуми затоа што беа навистина успешни и имаше гости од целиот регион“, вели Асан.

Текст: Драгица Христова