Специјално од Торино, фотографии и текст: Драгица Христова
Македонскиот шеф Зоран Мајновски (ресторан „Естел“), со помош на Маре Јаневска (готвачка во британската амбасада) и Орце Трајковски (од етно ресторанот „Чомбе“ во Пробиштип), ја претстави македонската кујна на Тера Мадре во рамките на презентацијата на национални кујни, на предлог на организацијата Слоу Фуд.
На менито на македонската презентација беа тетовското гравче, селско месо со лути суви пиперки и праз, дебарско бело овчо сирење (произведено на традиционален начин од Скендер Аме, претседател на здружението на сточари од општина Дебар и центар Жупа и член на Слоу Фуд Македонија) и домашен ајвар.
Македонските специјалитети ги пробаа многу посетители и учесници на саемот, меѓу кои и Јапонци, Италијани, Мексиканци, и многу, многу други народи присутни на најголемиот саем за храна во Торино.
Додека се јадеа македонските јадења, во позадина се пуштаа и македонски народни песни, а поддршка на нашите готвачи им даде и дел од македонската делегација, а нивни асистенти беа и младите идни шефови Симона Илковска и Даниела Лазаревска.
Останатите, секој со своите обврски и ангажмани или на македонскиот штанд кадешто постојано има дел од членовите на Слоу Фуд Македонија и производителите на президиумите. Членовите на Националниот одбор на Слоу Фуд Македонија: Василка Стефановска и Николче Николовски со многу работни состаноци и обврски, најавуваат значајни настани во Македонија, со поддршка на меѓународната организација, а за презентациите и останатите значајни активности тука е и подмладокот на Слоу фуд Македонија, координаторката Шенај Скендероска, како и Никита, Александар и Димитар.
За атрактивноста на денешната презентација на македонската кујна, свој придонес даде и господин Владо Јосифов кој облечен во македонска носија го привлекуваше вниманието на посетителите, да застанат и да вкусат од македонските јадења приготвени од вештите раце на нашите готвачи.