Ако се плашите од пластичен, купувајте кочански ориз

0
798

Откриено е дека на полиците во дел од Кина веќе со години се наоѓа ориз направен од пластика. Станува збор за ориз кој се продава под името на скапата сорта Wuchang (вучанг). Во текот на годината се произведуваат 800 илјади тони од вистинскиот Wuchang ориз, а се продаваат 10 милиони тони. Ова значи дека повеќе од 9 милиони тони ориз кои се продаваат секоја година – се лажен ориз!

Измамата е откриена откако пластичниот ориз се нашол на пазарот во Индија, Виетнам и Сингапур. Стручњаците во тие земји ги предупредуваат луѓето да внимаваат што купуваат затоа што доколку се изедат три здели од вештачкиот ориз Wuchang тоа е исто како да сте изеле една пластична кеса, пренесува The Korea Times. Се разбира, ова е исклучително опасно за здравјето.

Кинескиот ориз Wuchang (наречен вака по истоимениот град) е многу популарен и е познат заради својот единствен вкус.

Па така и неговата цена е три пати повисока од цената на другите видови на ориз, а побарувачката за оваа сорта е многу голема.

Одделни фирми почнале да бараат можности за уште поголема заработувачка и почнале да прават лажен ориз.

Стручњаците сметаат дека вештачкиот Wuchang ориз го има на кинескиот пазар веќе 4 години.

За да биде што повеќе налик на оригиналот, за неговата изработка се користи компир и отровни пластични полимери. Со изгледот е идентичен на оригиналниот Wuchang ориз.

Разликата е во тоа што после варењето пластичниот ориз останува тврд и се разбира, погубен за здравјето.

На интернет можат да се најдат и снимки на илегални фабрики во Виетнам кадешто се прикажува целиот процес на производство. На снимката се гледа како работниците во специјални машини уфрлаат нешто што наликува на проѕирни пластични кеси, а подоцна се гледа како со мелење настанува смеса која потоа, заради нејзината структура лесно се развлекуваат во нитки и се „збогатуваат“ со состојки кои им даваат вкус и изглед на ориз. На крајот од процесот, вреќите ги полнат со „ориз“ кој е речиси идентичен со вистинскиот.

Иако нема информации дека овој вештачки ориз стасал во Европа, оваа тема е од вчера повторно топ вест во нашите медиуми. Некои велат дека пластичната маса е поскапа од оризот и дека нема логика некој да прави лажен ориз. Но ова сепак не се однесува и на оризот од марката „Вучанг“ за кој всушност станува збор а е најскап ориз кој за среќа кај нас не се увезува.

Откако одделни светски медиуми ги прозваа произведувачите на ориз во Виетнам објавена е статистика која покажува дека Виетнам кој е еден од најголемите произведувачи на ориз во светот има толку многу од оваа житарка што и неговата цена е исклучително ефтина и дури се дава во добротоврни цели, па топката се префрла во Кина кадешто, како што велат, го нема доволно.

Во Кина, во недостаток од ориз се одгледува и т.н.суперориз-хибрид кој има далеку поголем принос, бара помалку вода и заштита а е во предност во однос на ГМО. Тоа е мешавина од околу 250 сорти ориз и хибриди и е прилагодена на еколошките услови на одгледување. Според последните податоци се сее на повеќе од 60 отсто од површината во Кина и од година во година ги соборува рекордите во производството.

На Кина ѝ се потребни 500 милиони тони ориз за да ги задоволи само домашните потреби.

Во светот оризот кој е една од најстарите земјоделски култури, е и натаму основна намирница за дури половина од светската популација и за 60 отсто од кинеската.

 

Во продажбата е претежно застапен белиот ориз кој е всушност излупено зрно па после таквата технолошка постапка, е доста осиромашен затоа што на тој начин ги губи витамините и минералите. Обично се полира заради попривлечен изглед, а во целиот овој процес се губат повеќе од 90 отсто од содржината на витамин Б1.

На просторите во нашиот регион најпопуларен е токму нашиот кочански ориз.

Во 2013.година во Србија е најден виетнамски ориз во кој се најдени силиконски топчиња за кои увозникот ги имал сите потврди за здравствена исправност. Инспекцијата после контролата ја забранила продажбата на спорниот производ.

Инаку, паралелно со вестите за лажниот ориз се појавија и совети на кој начин купувачите можат да препознаат дали е оризот вистински. Така, се советува во чаша вода да се стави една лажица сиров ориз. Ако потоне, значи дека е добар, а ако лебди на површината, велат дека не е во ред.

Тест може да се направи и со палење такашто вештачкиот ориз би требало да има карактеристичен мирис на запалена пластика.

Уште еден метод со кој може да се провери квалитетот на оваа намирница е да се стави во млин за мелење, па ако е правот бел, оризот е добар а ако е жолтеникав, би требало да се фрли. На оризот кој се остава во затворен сад на топло место, доколку е вистински, за неколку дена ќе се појави мувла што не е случај со вештачкиот ориз.

Јас го проверив оризот што ми го продадоа како кочански и – падна на дното.

Д.Христова