Агава, замена за шеќер, мелем за кожа, лек за црева и „конец“ за чипки

Велат дека агавата има бројни здравствени придобивки за луѓето, па така на пример, сирупот од агава има низок гликемиски индекс, а фруктаните што ги содржи се корисни кај дијабетес и дебелина, го намалуваат нивото на штетни цревни бактерии, помагаат кај запек и го намалуваат ризикот од настанување на рак на цревата. Но знаевте ли дека од неговите нишки може да се сплете чипка?

0
349

Сигурно сте слушнале за сируп од агава, за тоа дека од некои видови Агава се добива сладок сок кој може да се пие веднаш или со алкохолно вриење да се претвори во пијалокот pulque – национален пијалок во Мексико со околу 5 отсто алкохол. Сигурно знаете и дека со дестилација се добива познатата текила…

Можеби знаете и дека сирупот од агава се добива од стеблото на оваа билка, а се користи како природен засладувач.

Се нарекува и медена водичка (aguamiel), затоа што има благ вкус и светла боја. Поредок е од мед, но е посладок, па кога со него се готви треба да се става помала количина.

Древните Ацтеки користеле мешавина од сируп од агава и сол, за зараснување на рани, но ја користеле оваа мешавина и како мелем за инфекции на кожата.

И современата медицина ја потврдила предноста на сирупот од агава во борбата против гнојните и цревни инфекции.

Нектарот од агава се добива од неговите листови, а се сечат листовите стари помеѓу 7 и 14 години. Добиениот сок се филтрира, а потоа се загрева на ниски температури за да се одвојат полисахаридите од обичните шеќери.

Главниот полисахарид содржан во агавиниот нектар е инулинот, кој се состои главно од фруктоза. Инулинот е поврзан со намалување на нивото на холестерол и ризикот од неколку видови на рак.

Средината од листот на агава е богата со сахарин и кога е печена е многу вкусна за јадење, семето пак, се користи за добивање брашно од кое можат да се прават тестенини за супа или ако се помеша со житно или овесно брашно, да се испече леб. Коренот од агава е диуретик, а се користи и за лекување на забоболка.

Велат дека иако е благ, поради нискиот гликемиски индекс речиси воопшто не влијае на нивото на шеќер во крвта па е идеален за дијабетичари и за луѓе пречувствителни на шеќер. Гликемиски индекс е мерка која ни покажува со која брзина и интензитет се покачува нивото на глукоза во крвта по консумирањето на одредена храна.

За споредба, гликемискиот индекс на сирупот од агава е 27, на медот 83, а на белиот шеќер – 137. Но бидејќи гликемиски индекс не значи и помала слаткост: агавата е 1,4 до 1,6 пати поблага од обичниот шеќер, па е и покалорична од глукозата.

Освен низок гликемиски индекс, сирупот од агава има и низа други позитивни дејства на здравјето. Фруктаните се корисни кај дијабетес и дебелина, го намалуваат нивото на штетни цревни бактерии, помагаат кај запек и го намалуваат ризикот од настанување на рак на цревата.

Сирупот на агава содржи и влакна кои ја помагаат работата на системот за варење, како и многу елементи во трагови, како калциум, железо и витамини Б и Ц. И конечно, сирупот од агава не содржи скроб, па овој засладувач е погоден за луѓето кои се на безглутенска исхрана.

И сето тоа е убаво, но има и нешто за агавата за што веројатно многумина не знаат.

На пример, дека сестрите во бенедектинскиот манастир на Хвар, кој е осниван во 1664.година, и за кој важи концептот на затворен простор, односно, сестрите во овој манастир се заветени да не излегуваат никогаш од него, создаваат единствена чипка од нишките од агава, која пред 10 години е заштитена од УНЕСКО.

Постои мислење дека овој ред на бенедиктинки е помеѓу најстрогите, но самите калуѓерки не се согласуваат со тоа, бидејќи постојат и други редови со строг хабитус, како што се кармеличанките и кларисите.

Како и да е, бидејќи овој ред безработицата ја смета за непријател на душата, калуѓерките од секогаш се занимавале со корисни активности и ги минувале деновите наизменично, во молитва и во работа.

Своевремено воделе и детска градинка, се занимавале со изработка на облека за миса, со плетење, па така и со оваа уникатна рачна работа – создавање на единствена чипка од нишките на агава.

Колку е макотрпна нејзината изработка најдобро знаат самите калуѓерки кои мораат да се служат со посебни ракавици за да не дојде до отекување и до јадеж на рацете.

Тенките бели нишки се извлекуваат од свежите листови на агава, набрани во одреден период од годината и се обработуваат на специфичен начин додека не станат спремни за ткаење. Според обичајот, нишките не се произведуваат по бура, затоа што ладниот воздух ги прави кршливи. Нишките се вткаени во различни мустри, а добиените чипки се симбол на Хвар.

Заради својата убавина чипката од агава уште во 19.век била позната и надвор од Хвар, а ден денеска претставува достоен изворен подарок за секаква пригода. Така на пример, чипка од агава му била подарена на папата Иван Павле Втори. Папски грб од нишки од агава подарен му е на папата Бенедикт.

фотографиите се од веб страната https://www.stari-grad.eu

Инаку, бенедиктинскиот манастир е сместен во куќата на семејството на поетот Ханибал Лучиќ, која им била оставена со тестамент на бенедиктинките. Првите калуѓерки дошле од островот Раб и од тогаш манастирот е активен. Во склоп на бенедиктинскиот манастир има 350 години старо културно и сакрално наследство, а во негов склоп е и музејот „Ханибал Лучиќ“.