Секоја година во ова време, пред почетокот на големите празници, медиумите саркастично се занимаваат со човековиот нагон за претеран конзумеризам. Обидите да се подигне свеста кај граѓаните за непотребноста да се купуваат и складираат големи количини материјални добра, вклучувајќи и храна, ги „крчкаат“ муабетите кај јавноста – но тоа трае само неколку дена. А потоа, голем дел од купената храна се фрла како неупотреблива – и никој веќе не размислува за умереност.
Предновогодишното налудничаво фаќање за џебот за да се купува храна како да е крај на светот е сепак вкоренета навика кај голем дел од семејствата во нашето општество.
Од друга страна, едно големо парче од демографскиот „колач“ – или според неодамнешната морничава официјална статистика, над 440.000 сиромашни луѓе во Република Македонија – можат да си дозволат пристоен оброк само еднаш во денот.
Тоа не е одраз на достигнат економски, социјален и духовен зенит, туку срам за сите елементи во државата која очигледно само вербално е модерна и настроена кон благосостојба. Но, иако не треба да се мешаат личните курдисувања кој како го сфаќа и си го организира животот, на крајот излегува дека сите сме безизлезно заглавени во безизлезноста. За многумина, тоа значи и во гладта и очајот.
Зошто фрламе храна?
Со процутот на граѓанските иницијативи се појавија и предлози кои го допираат и овој проблем: Што да се прави со вишокот храна? Иницијативите во вид на добротворни акции за донирање храна, сепак се моментално решавање на хроничниот проблем со сиромаштијата и неможноста многумина да си обезбедат повеќе од еден оброк дневно.
И во ситуација на недоволен економски прогрес, илјадници тони неискористена храна секоја година се фрлаат, што е бизарен факт со оглед на бројката на толку неухранети и сиромашни луѓе во државата. Затоа невладиниот сектор се зафати со она што системот не е способен да го реши: организирано донирање на вишокот храна. Иако е ова доказ само за делумна промена на моралните вредности во пошироката култура, сепак е битна иницијална каписла која може да поттикне промена во закоравените кодови за претеран конзумеризам.
Вишокот храна се претвора во нов проблем – отпад
Илјадниците луѓе во поголемите градови – економски, бизнис, индустриски, политички и дипломатски центри –се предуслов за масовно отворање на локали за брза храна, на нови ресторани (национални и традиционални), затоа што оние кои работат можат да си дозволат да си платат пристоен оброк. Во претходниот систем, поголемиот број од вработените (најмногу работниците заради функционирањето на големите индустрии) воглавно се хранеа во работнички мензи. Тоа до некаде влијаеше на помалото создавање отпад заради организираниот систем на овие мензи за депонирање на отпадот од храна. Но, денес ретко која голема индустрија опстана и процутот на малите бизниси предусловуваат вработените да се снаоѓаат за време на паузите за ручек.
Бурекџилниците функционираат економски прилично добро, рестораните нудат брз оброк во опсегот на времето за ручек, релативно ефтино и достапно. Во фасциклата на ритејл бизнисот, пак, спаѓаат и големите супермаркети. Ако во осумдесетите и деведесетите карактеристично беше купување во малите локални маркети (бакалници) „на почек“, големите ајкули ги сотреа овие мали бизниси, пред сѐ, со понудата. Колку стануваше побогата понудата – а со тоа и поевтина – толку повеќе растеше и алчноста да се купува и повеќе од што е потребно. Па затоа денес фрламе храна.
Но со новото доба, ненадејно дојдоа и новите проблеми. Будењето на свеста дека конзумеризмот неминовно води кон еколошки проблеми заради натрупаниот отпад, го прошири фокусот на граѓанската свест.
„Отпадот од храна е универзален т.е глобален проблем, и секако дека нашето општество треба да тежнее кон решавање на истиот, но сѐ уште отпадот од храна не е изведен како материја која би требала да има свое посебно поглавје, не само во Министерството за животна средина, туку и во многу други ресорни министерства, меѓу кои и за образование и наука, за економија, здравство, а пред сѐ, во земјоделието. Се прават напори да се делува и зборува, ама само се зборува меѓусекторски, но ништо повеќе од тоа не е направено“, вели Душко Христов, претставник на проектот ЕНВ.нет, кој го факторизира портфолиото за животната средина за Западен Балкан и Турција во агендата на политиките на ЕУ, финансиран од Европската комисија.
Главната цел на ЕВН.нет е да придонесе за подобрување во донесувањето закони за животна средина и нивна имплементација во корелација со ЕУ стандардите. Оваа мрежа посредува во унапредување и интензивирање на интеракцијата помеѓу повеќе учесници (вклучувајќи ги НВО-та за животна средина, медиумите и законодавците) и обезбедува техничка и финансиска потпора во средините каде делуваат овие учесници.
Размислувањата за „новиот живот“ на неискористената храна и подобрување на ситуацијата со веќе загрозената животна околина, доведе до нови глобални тенденции за искористувањето на вишокот произведена храна. Се иницираат закони со кои би се регулирало и поддржало донирањето на големите количества храна кои доаѓаат од производствените процеси, потоа нејзиното чување, транспорт и продажба од страна на земјоделците, фабриките, супермаркетите, добавувачите и слично, а вишокот би се искористил за прехрана на животни, искористување како ѓубрива, создавање на био-маса за производство на еколошка енергија и тн.
Од друга страна, и пакувањето на храната (амбалажата) создава огромни количини на отпад, со што се бараат нови смерници за управување со отпадот од храна.
Повеќе пари – поголемо економско и социјално раслојување, на сметка и на животната средина
Кога пред речиси два века настапи добата на индустријализацијата, односно трансформација на човештвото од земјоделско во индустриско, дојде до огромна промена на сите текови во економијата во корист на производството. Тоа незадржливо доведе до поттикнување на индустриските инвестиции и економски раст.
Светот стана богат. Се сменија класите во општествата. Луѓето станаа побогати, платите на работниците пораснаа, се разбира во одредени региони повеќе, во останатите помалку. Но сепак, индустријата и глобалниот економски прогрес доведоа до појавата на неколку пати споменатиот конзумеризам. Слободната трговија овозможи достапност на произведените добра и услуги насекаде. Исчезна факторот физичка оддалеченост. Нештата создадени или одгледани на едниот крај на планетата станаа достапни насекаде.
Користењето на ресурси за производство на храна излезе дека дополнително негативно влијае врз животната средина (одгледувањето на животни, користењето на фосилните горива во земјоделството, пакувањето и дополнителното загадување во доставата до крајните корисници).
Сето тоа е наменето за незапирливите потреби на модерниот и побогат човек. Се откри дека пластиката (ПеВеЦе) е најсоодветен материјал за амбалажирање. Тој однос одеше правопропорционално – колку повеќе произведени добра, толку повеќе пластика се користеше и сѐ уште се користи. И така до бескрај, со изговор дека новите материјали се во сооднос со грижата за животната средина: биоразградливи, можат повторно да се користат (рециклираат), дека не се штетни за околината…
На реторичкото прашање колку време ни треба за да ги смениме закоравените навики (менталниот код) за создавање на дисциплина за одложување (депонирање) на пластиката и сета друга амбалажа од храна, но воопшто, и неискористената храна од нашите домови, Христов воздржано вели:
„Времето потребно да се искорени нешто во нашите навики, кои патем речено се „унапредени“ со сѐ поголемиот „апетит“ на купување сѐ и сешто, се решаваат на два начини: со разбирање и прифаќање на нормални човечки нагони и навики да ја заштитиме околината во која живееме, бидејќи во ѓубре и со истото не се живее, или на другиот начин – со „сила“, плаќајќи за своите несовесни и неодговорни постапки. Можеби постои и трет начин, ама тој е далку од нас, а тоа е да се стекне знаење и навика дел од храната која би требало да заврши во контејнер да ја компостираме во рамки на нашите можности. Тука поединецот може многу малку да стори, и затоа повеќе треба да се работи со институциите, од локално до национално ниво. На локално е самото дејствување, а на национално, со законски и подзаконски акти кои би ја уредувале оваа тема. Далеку, многу далеку сме како општество на делување и постапка во овој битен сегмент на самосвест кон околината во која живееме“.
Индивидуална морална одговорност
Кај народот постои дамнешна изрека која вели: Грев е да се фрла храна! Дарувањето храна е доблест кај сите општества низ целата човекова историја, но и кај сите религии, со кои се поттикнува истата да стигне од оние кои (ја) имаат до оние кои тешко стигнуваат до неа.
Но според поразителните показатели и статистики, и во ова доба на достапност на секакви добра до секого, излегува дека огромни количини на храна расипнички се фрлаат во неповрат – и во нашето сопствено опкружување
Затоа што храната, која од основен енергенс за функционирање на човечкиот организам, во својата форма на масовно производство стана „отров“ за средината во која живееме. Социо-економските последици од алчноста да се има што повеќе храна во фрижидерите доведе до навиката за секојдневно фрлање на храната.
И бидејќи не може да се дојде до задоволителен одговор колку храна во обем и количина е потребно да се задоволи односот помеѓу храната и доблеста, останува надежта дека секој ќе го преиспита своето чувство за умереност.
Затоа што со подигнувањето на свеста кај граѓаните за односот кон храната, се поттикнува решавање на овие два навидум неспоиви, но реално горливи проблеми, кои жестоко не притискаат: социјалниот и еколошкиот.
Всушност, секој поединец кој свесно и одговорно учествува во добротворството и во својата животна околина, самиот се наградува со барем трошка морална сатисфакција за свое забележано присуство во заедницата каде и самиот бивствува.
Драгица Христова
(Изработката на статијата е поддржана од проектот „ЕНВ.нет го факторизира портфолиото за животната средина на Западен Балкан и Турција во агендата на политиките на ЕУ“, финансиран од страна на Европската комисија.)