Што има ново на домашната пивска сцена?

0
244

Пред некоја вечер, на изложба во галеријата „Колектив“, веднаш над Градскиот пивски центар на скопскиот плоштад, пиевме занаетчиски пива од Крафт Пивара Темов.

Меѓу гостите имаше луѓе кои за првпат пробаа занаетчиско пиво, а дел од нив беа жени кои во принцип не сакаат и дотогаш не пиеле пиво. Но, немаа избор бидејќи на изложбата, со купоните кои ги подели организаторот, се служеше само пиво. Оние кои првпат ги пробаа пивата и дотогашните „пивомрсци“ се воодушевија од вкусот и открија нешто за нив сосема ново-вкусот на занаетчиското пиво кој толку многу се разликува од оној на индустриското, секако, во позитивна смисла. 

Веројатно сите овие новопечени вљубеници во занаетчиското пиво, но и оние кои знаат многу повеќе и пробале најразлични вкусови и видови на занаетчиско пиво, ќе бидат заинтересирани за настанот кој се одржува оваа сабота (22.декември) со почеток во 15 часот, во Кинотека на Македонија. Станува збор за вториот пивски салон на домашни производители на занаетчиско пиво.

До каде сме и што направивме (читај кувавме) во тековната година. 
Подготвени ли сме да го споделиме со јавноста тоа што го куваме во нашите подруми, работилници или уште ќе вариме за себе и своите пријатели во илегала?
Сакаме ли да го фатиме чекорот со пивската револуција која го зафати светот и регионот или и понатаму ќе останеме затворени во лавиринтите на институциите во смисла на наметнати регулативи и закони кои немаат никаква врска со она што претставува занаетчиско пиварство?

Вака во најавата за настанот пишува Марјан Костадиновски, производител на занаетчиско пиво и сопственик на порталот „Сакам пиво“, кој заедно со Александар Матевски (уште еден производител на домашно занаетчиско пиво) се организатори на настанот.
Инаку, ова е второ издание на овој настан и годинава, откако првиот салон кој се случи минатата година покажа дека постои огромен број луѓе кои се заинтересирани да дојдат, да пробаат и да видат што се случува на домашната пивска сцена, ќе се одржи во поголем простор, во Кинотеката на Македонија.

Цената на влезницата е 300 денари. За првите 300 посетители обезбедена е стаклена брендирана чаша со лого од настанот, дегустација/проба на сите изложени пива, соодветна храна и специјално пенливо вино за добредојде на настанот.

Билетите во претпродажба ги има во кафе барот Кашмир и кафе клуб БРАВО. Цената на поединечно пиво од секој изложувач е 100 денари.

Настанот има логистичка поддршка од Слоу фуд Водно и Слоу Фуд Македонија.