Д-р Џенгис Јашар: Kанцерот не е ништо друго освен пад на имунитетниот систем

Голем дел од болестите се поврзани со начинот на исхрана, затоа треба да внимаваме што јадеме, но тоа не значи дека треба да се лишуваме од многу работи, туку дека треба да бидеме умерени во сѐ, како Французите кои ја довеле до совршенство својата исхрана, вели доктор Јашар.

0
14199

Доктор Џенгис Јашар е патолог, шеф на одделот за патологија во Клиничката болница Аџибадем Систина, доктор на медицински науки и веќе 2 години, доцент на Медицинскиот факултет во Штип, на катедрите по патологија и хистологија. Во „Систина“ е веќе 12 години, од 2006.година и е основач на првата приватна хистопатолошка лабораторија која е акредитирана по ИСО стандарди за медицински лаборатории и сега за сега, е единствен во државата кој е експерт за акредитација на овој тип на лаборатории. Амбасадор е на Република Македонија во организацијата Global Harmonization Initiative, организација задолжена во спроведување на иницијативите од земјите во светот за употреба на здрава исхрана и за изучување на улогата на храната во спречувањето на болестите кај луѓето.

Со него зборувавме за неговите истражувања, трудови и сознанија во однос на поврзаноста на храната со појавата на малигните болести.

Секој од нас интуитивно знае што е најдобро за неговиот организам, а кога ќе се направи тест за интолеранција на храна обично излегува дека токму онаа храна која интуитивно сме ја одбивале е таа на која нашиот организам е интолерантен. Сепак, она што е најважно е да се јаде умерено, бидејќи не може да се каже дека нешто е исклучително здраво или нездраво, а сите епидемиолошки анализи потврдуваат дека голем дел од болестите што се јавуваат кај луѓето, се резултат на несоодветна исхрана.

Откако почнавме да си го обновуваме пријателството од средношколските денови со Владимир Kакуринов (професор по хигиенско инженерство и дизајн и квалитет и безбедност на храна), тој ме вовлече во делот за хигиена на храна и прво нешто со што се соочив беше она што го имав како дел од епидемиолошките анализи, за улогата на храната во појава на туморите на дебело црево. Имено, како дел од патологија, се учи дека дека со појавата на карцином на дебело црево имаат улога два фактори. Еден е наследниот, тоа се генските мутации што доведуваат до појава на полипи, па полипите малигнизираат, па потоа се јавуваат некакви секвенци на туморски раст за на крај да се испостави дека е карцином. А другата теорија која е исто така докажана, е влијанието на храната која ја јадеме врз развојот на болестите.

Во тој контекст има епидемиолошки студии кои се направени со споредба на високоразвиени земји со земји во кои има посебен тип на храна.

Во епидемиологијата јасно стои дека земјите во кои се користи висококалорична храна, голема количина на месо, многу јаглени хидрати, многу масти, значи храна која потешко се вари и подолго се задржува во цревата и заради тоа состојките кои се разградуваат влијаат негативно врз слузокожата на дебелото црево, имаат и висока инциденца на канцер на дебело црево“, објаснува доктор Јашар.

Епидемиолошки анализи за влијанието на храната врз појавата на болестите

Во однос на споменатите епидемиолошки испитувања, вели докторот, утврдено е дека во Данска, која во Европа е најголем производител и извозник на млеко и млечни производи и има најдобро развиено сточарство, појавата на карцином на дебело црево е на прво место, исто како и смртноста од овој тип на карцином, а истото важи и за Германија, а во светски рамки и за САД.

Наспроти тоа, имаме друг тип на таа т.н.хемиска карциногенеза, па кај Јапонците, Норвежаните, Кинезите и Кореанците е највисока инциденцата на карцином на желудник. Имено, поради начинот на подготвување на харингата во Норвешка на пример, и на рибите во Азија, поради самиот процес на сушење на рибата под дејство на канцерогени супстанци во чадот, е причина во овие земји да има најголема инциденца на карцином на желудник во светот.

Сето ова, вели доктор Џенгис оди во прилог на тоа дека она што го јадеме има огромно влијание врз појавата на многу болести.

Друга работа е пак дека луѓето треба да консумираат храна на која нивниот организам е навикнат, односно, ние сме насочени во преработка токму на овие домашни продукти. Храната делува како лек, но и како потенцијална опасност посебно во однос на појавата на алергиски реакции.

Кај нас на пример, не е дел од вообичаената исхрана, морската храна, па првиот контакт може да направи сензибилизација на организмот и да развие алергична реакција. А тоа е и причина што на многумина од нас морската храна им е одбивна, по интуитивност. Иако, како што минува времето, со туризмот, на некој начин се адаптираме, но суштината е дека покажуваме нетолерација кон одредена храна.

Тестовите за интолеранција на храна се реална потреба

Според доктор Јашар, сето ова е причина зошто на тестовите за нетолеранција на храна не треба да се гледа како на помодарство, туку како на потреба.

„Со овие тестови некои луѓе ќе откријат кои производи треба да ги избегнуваат. На пример, познати сме по производство на пиперки, но бабурата нееднакво ја поднесуваме сите, па кај некои таа создава неверојатна мачнина со киселини. Исто е и со кикириките кои се одгледуваат кај нас, но кај некого предизвикуваат алергии. Причина за ова се растителните масла за кои тој организам едноставно нема начин како да ги обработи и тие супстанци од тие хранливи продукти делуваат кај нас како туѓа супстанца. Не секој од нас го има оној сет на ензими кои можат да ја преработат храната до крајниот продукт за да не предизвика несакан ефект.

На таков тест кај некој ќе се појави дека не постои толеранција на организмот кон некој производ, па можеби со овој тест ќе добиеме одговор и зошто некоја храна инстинктивно одбиваме да ја јадеме. Суштината е дека организмот самиот ја селектира храната која најмногу ни одговара.

Недостатокот на тие ензими кои ги разградуваат шеќерите или мастите, некои ги имаат во помала количина или имаат дефект за да се создадат тие ензими и затоа се јавува таа нетолерантност кон одредена храна. Значи, не постои сет на ензими и таа храна или ќе се вари побавно или ќе предизвика ефекти на хемиска карциногенеза, но не значи дека нужно ќе заболи од рак на дигестивен тракт. Поверојатно е дека ќе покаже алергија или неподносливост кон одреден продукт отколку дека ќе премине во некоја посериозна болест“, објаснува докторот.

Скрининг за малигни болести, кај нас и во светот

Инаку, за еден од најчесто индуцираните канцери од храната, ракот на дебелото црево, но и за останатите малигни заболувања, според др.Џенгис, кај нас не постои организиран скрининг.

Секаде во светот, колку што сум запознаен со здравствениот систем на одредени држави, како Германија, Холандија, Велика Британија, САД и Кореја, има скрининг методи за она што велиме дека е болка на популацијата, во овие земји па речиси и во целиот регион, задолжителен е т.н. ФОБТ (Fekal Occult Blood Test). Станува збор за тест на изметот, за скриено крварење, со кој, доколку се утврди макар и во најмала количина присуство на крв во изметот, треба да се алармира за да се направи колоноскопија. Секој од нас пак, после 50. година барем еднаш во годината треба да го направи тој преглед за да се утврди состојбата на слузокожата на дебелото црево.

Таа постапка е ригидна и болна, но постои можност за анестезија. Оние пак, со семејна анамнеза, историја на болест на некој близок член на семејството од карцином на дебело црево, наместо тест (ФОБТ), треба веднаш да направат колоноскопија барем еднаш годишно и тоа уште после 30-тата, 40-тата година. Имено, во нашата пракса имаме пациенти со ваков карцином кои се на возраст од 25, 30, 35 години, но секој од нив барем некаде во своето родословие го носи тој мутирачки ген кој се пренесува од генерација на генерација“, објаснува др.Џенгис.

Во однос на ракот на дојка пак, за кој некои исто така тврдат дека е предизвикан од неправилна исхрана, докторот потврдува дека навистина постојат многу трудови на таа тема.

Во суштина, постојат четири големи групи рак на дојка, една половина од тие, односно двата типа се поврзани со пореметено ниво на хормоните, односно хормонските рецептори кои постојат во клетките на градата или ги има премногу, па и најмала количина на хормон веднаш се врзува и ја бомбардира клетката со информации да таа се размножува без никаков останат стимул. Во денешно време, поради процесот на обработка на храната, начинот на кој се процесуира, одредени хранливи продукти содржат во себе фитоестрогени, односно, растителни супстанци кои понатаму во организмот се претвараат во метаболити односно продукти на естрогениот хормон кој всушност го имаат тој ефект.

На пример, едно време велеа дека не смееме да јадеме пилешко зашто наводно, ги товат кокошките со хормони. Всушност, на кокошките им даваат храна која содржи фитоестрогени, естрогените се врзуваат за кокошкиното месо, поточно во масното ткиво под кожата на кокошката, па затоа се вели, ако веќе јадете кокошки, не ја јадете кожата. Ова пак значи дека треба да се јадат само пилешките гради бидејќи само тие се посно месо, а сето друго содржи одредена количина на фитоестрогени“.

Влијанието на ГМО храната и амбалажата врз развојот на болестите

Во тој контекст, доктор Јашар се навраќа на еден конгрес на кој било дискутирано и за тоа дали храната сама по себе е тригер за да се предизвика малигна трансформација или во денешно време тоа можеме да го препишеме на некои други фактори.

„Едниот фактор е генетски модифицираната храна, а другиот е амбалажата во која ги чуваме производите.

Предолго стоење на храна во таква амбалажа може да го смени вкусот на храната, може да предизвика кај нас хемиски реакции кои се долготрајни, значи, ќе се одвиваат бавно и без никакви симптоми, а во суштина ќе го нарушат нашиот систем на одбрана. Според имунолошката теорија канцерот не претставува ништо друго освен распад на нашиот имунолошки систем, односно човековиот организам веќе нема сили, нема војска како да се избори со клетките кои се излезени надвор од контрола.

Кога станува збор пак за генетски модифицираната храна, се поставува прашањето дали генетската модификација во молекулите на нуклеинските киселини откако ќе се внесат во организмот прават интеракција со нашите клетки па нашата откако ќе ја прифати таа модифицирана нуклеинска киселина едноставно избегнува контрола на раст или го избегнува имунолошкиот надзор на организмот и почнува да се размножува неконтролирано. Тоа е една од теориите кои велат дека ГМО храната е тригер за појава на канцер, но не постојат научно докажани параметри за да се потврди оваа теорија како што не постојат параметри за да се докаже дека е ракот излечив“, вели тој.

Дали Б17 е навистина лек за ракот?

„На последниот конгрес на кој бев, се дискутираше по повод мојот труд и дилемата, дали витаминот Б17 е витамин кој на некој начин сме го заборавиле во својата исхрана. Еден американски автор вели дека канцер не е ништо друго освен отсуство на одредени продукти кои веќе ги нема во исхраната. На пример, ние како деца јадевме многу семки од кајсии. Иако содржат цијанид, компонентата на тој цијанид има за својство да се метаболизира во црниот дроб, а активната компонента од тој витамин Б17 да се врзе за јадрото на канцер клетката и само за таа канцер клетка, за на некој начин да ги затвори сите рецептори и таа клетка си умира сама од себе. Но се уште не можеме да излеземе и јавно да кажеме дека постои лек и дека треба во исхраната да внесеме витамин Б17. Напротив, во некои земји дури и е забранета продажба на Б17. Не би коментирал зошто е тоа така.

Во секој случај, би кажал дека на човековиот организам му е потребно сѐ, но умерено, храната треба да е добро балансирана, не еднолична, да има баланс на јаглени хидрати, протеини, масти витамини. И не може да му кажеме некому да не јаде нешто, храната е здрава, а проблемот е во тоа како е приготвена, како е купена, во што е чувана, дали има конзерванси, емулгатори. И затоа се повеќе во свет е тенденција да се купува органски здрава храна.

Но прашање е и колку таа храна која се продава како органска е навистина органска. Кај нас, на пазарите има колку сакате хранливи производи, кои не се ГМО, а има и такви кои се продаваат како органски иако реално не постои регулаторна комисија која ќе утврди дали е навистина таква. Што се однесува до пестицидите, тие се користат со децении наназад, и за да не делуваат штетно, треба само производите добро да се измијат под млаз вода, односно, не се проблем пестицидите, туку загадената почва, а кај нас во Скопје и околината, е загадена почвата, па затоа да не се залажуваме дека тука, во Скопје и околината можеме да имаме навистина органска храна.

Препораки за исхрана

Препораки за исхрана за пациентите со одредени заболувања, дијабетичари, срцеви болни, пациенти со малигноми, секој од нив би требало да добие во согласност со својот матичен лекар, онколог или диететичар, и секој треба да си направи адекватно мени, бидејќи оној што има рак на бели дробови и оној со рак на дебело црево, не може да имаат ист тип на диетален режим. Природата на едната болест е различна од другата. Сепак, заеднички именител на сите е дека треба да се јаде храна која го зголемува или мотивира имунолошкиот систем, а тоа се сите зелени растенија како кељ, брокула, зелка, спанаќ, блитва, зелена пиперка, храна која е важна за сите кои се болни и се лекуваат од рак.

Важно е да се каже и дека во прв момент тие не би смееле да консумираат витамин Б, бидејќи тој учествува во репродукција на клетката па ако го земате како храна, пиво, квасец, житарки, тоа треба да се редуцира барем во периодот додека трае терапијата. Но тоа не значи дека треба целосно да се исфрли, по терапијата може да се продолжи да се консумира најнормално.

И нема совршена рецептура за секого, бидејќи секое заболување има своја карактеристика.

Она што треба да се запамти е дека канцерот не е ништо друго освен пад на имунитетниот систем, кадешто всушност регулаторните механизми на човекот едноставно ја губат контролата на растот и на размножувањето на нормалните клетки.

Во суштина многу е важно да водиме сметка за исхраната, но не и да бидеме нејзини робови. Можеби треба да се угледаме на Французите кои ја довеле до совршенство, па иако имаат долги оброци, од топло предјадење, од ладно предјадење, главен оброк, десерт, нивните порции се мали и содржат од сѐ по малку“, завршува доктор Џенгис Јашар.