Дури 90 отсто од кујнската сол содржи микропластика

Според новото научно истражување возрасен човек внесува преку солта за јадење 2.000 парченца микропластика годишно.

0
382

Пред неколку години научниците откриле дека микропластиката се наоѓа во морската сол, но до сега никој не знаеше во која мерка. Според новата студија во која истражувачите ја испитувале морската, камената и солта добиена од езерата, 90 отсто од солта што ја користиме содржи микропластика.

Истражувачите од Јужна Кореја, заедно со истражувачите од организацијата Гринпис од источна Азија, тестирале 39 марки сол од кои 36 содржеле микропластика. Оваа студија е прва која ја истражила поврзаноста на микропластиката во солта со загадената животна средина.

„Наодите покажуваат дека микропластиката најдена во солта е силно поврзана со количината на загадување во одредени области“, велиСунг-Кју Ким, професор по маринска екологија од Универзитетот Инчон во Јужна Кореја.

Примероците сол кои биле тестирани се од 21 земја од Северна и Јужна Америка, од Европа, Азија и Африка. Трите марки сол кои не содржеле микропластика се рафинираната морска сол од Тајван, рафинираната камена сол од Кина и нерафинираната морска сол произведена со соларно испарување во Франција.

Густината на микропластиката во солта варира помеѓу различни марки. Истражувањето покажало дека солта која содржи најголема количина микропластика доаѓа од Индонезија, а неповрзана студија од 2015.година исто така открила дека Индонезија е на второ место во светот по загаденост.

Оваа студија исто така проценува дека возрасна личност внесува годишно во себе 2.000 парченца микропластика преку солта за јадење. Но колку е оваа количина штетна, останува мистерија.