Сабота наутро. Се разбудив со мирисот на чад во ноздрите. Иако баш и немам многу „проодно“ сетило за мирис, имав впечаток дека огнот мора да е многу близу, со оглед на интензивниот мирис на чад што го чувствував. И додека избезумено трчав накај кујната да проверам да не решила мајка ми (која инаку страда од деменција), да ни зготви нешто за појадок, видов дека има чад насекаде околу нашата куќа, но за среќа, не и во неа.
Не можев да поверувам дека е можно сите да решиле да прават зимница токму овој викенд. Чадеше од две куќи кои се зад нашата, една до нас и двете најблиски пред нас. За тие подолу по улицата, како и во околните улици, не знам, ама овие околу нас чадеа со полна пареа.
Јас никогаш не сум го сакала правењето ајвар, иако многу сакам да го јадам. Впрочем, веќе сум пишувала за моето ајварско минато, ама викендов некако дури и срам ме фати. Си реков, па само јас ли мрза излегов во целава населба? Нели виделе соседиве дека се маркетите преполни со ајвари од различни производители и дека сите се навистина вкусни?! Зарем не им е полесно да си купат готов ајвар туку решиле баш да се мачат? Е сега, готовиот ајвар, колку и да е вкусен, не е како домашниот, ама кога ќе се сетам дека цел викенд само тоа треба да се прави (а потоа следи и период на рековалесценција), си реков, море нека прави кој што сака, јас оган не палам и има цел ден да седам на сонце. Добро де, можеби нема само да седам, туку ќе правам сѐ друго, ама ајвар – НЕ!
И така и беше. Отидов на пазар, а соседите печеа пиперки. Се вратив од пазар, ја пуштив машината за перење и си ставив уште едно кафе. Соседите лупеа пиперки. Машината заврши со перење па излегов да ги ставам да се сушат. Веќе бев речиси готова кога се сетив дека тоа баш и не е добра идеја…наместо на Ариел, ќе мирисаме на Ајвар. Не ми паѓаше на памет да ги враќам назад.
Како и да е, соседите сѐ уште лупеа.
Отидов до парк, се прошетав на сонце и се вратив да го правам ручекот. Соседите сѐ уште лупеа. Направив ручек, јадевме, миев садови, излегов, се вратив, …соседите сѐ уште лупеа. И така помина денот. Си легнав и си реков, баш убаво што ние не правиме ајвар.
Денеска повторно се разбудив со мирис на чад во ноздрите, но овојпат, многу поинтензивен беше мирисот на пиперките кои се пржеа во големите тенџериња насекаде околу нас. Џагорот на луѓето кои се менуваа покрај нив не престануваше цел ден. Хм, веќе почнав по малку да им завидувам…па нормално, мирисот што ми ја дразнеше слузницата и ме тераше да подголтнувам од желба, навестуваше дека многу скоро, за сите тие вредни луѓе наоколу, доаѓа и оној убавиот дел – дегустација со леб и со сирење, и тоа токму тука, на лице место, околу големото тенџере во кое секогаш останува доволно ајвар за да се изнамака целото семејство.
За да не останеме покусо, ние си направивме 2-3 салати, испековме мевце и си ја наместивме масата во дворот. Од сите околни дворови се слушаше тропкање на лажици со кои вредно се полнеа стаклените тегли.
Ех, што би дала само за 1 мала чинија топол и миризлив ајвар, си помислив додека макав со лепчето во сосот во кои се печеа кременадлите. Ми се одмилија и кременадлите и сосот и салатата и сѐ.
Кога наеднаш, се појави таа – нашата маалска самовила, сосетката од карши која после дводневната мака, онака, по старски, реши да сподели со нас една мала чинија од својот топол и миризлив ајвар, токму онаква, каква што си замислував.
Мммм, ајварот беше совршен, сосетката – ангел небесен, а низ главата, додека задоволно го дегустирав овој чудесен мајсторлук, ми помина мислата: во право била мојата новостекната пријателка Вања, ако имаш позитивни мисли, навистина можеш да привлечеш позитивни нешта, па макар тоа била само една обична мала чинија со ајвар.
Драгица Христова