БРЗО, ЕВТИНО, ЗДРАВО: Сардини во кеса за печење

Наместо да плаќате скапи порции во ресторани и да јадете риба што мириса на свински ражниња или на пржени компири, вложете малку труд, подгответе риба самите и заштедете пари.

0
1189

Штета е кога летувате на море, а особено во Грција, да не јадете риба – ако не секој ден, тогаш барем секој втор ден. На тие што летуваат во хотели, им посакуваме добар готвач. И подлабок џеб, за да вкусат риба во ресторан. Но, за тие што летуваат во апартмани и студија, во кои има шпорет со рерна, имаме специјален совет – во багажот спакувајте и кесички за печење (грил бегс), хартија за печење и добар зачин, односно микс за печење риба. Внимавајте, добриот зачин мора да содржи најмалку рузмарин, лук и чили. Го има и во сите подобро снабдени маркети во Грција.

Зошто да печете риба сами, а не да ја консумирате во рестораните? Освен факторот цена, кој секако не е за занемарување (1 килограм свежи сардини или помали скуши во рибарниците може да се купи за цена од 5 до 7 евра, колку што чини најевтината порција во ресторан, со одвај 200 грама риба), има уште еден важен фактор – здравјето. Имено, кога ќе порачате свежа риба во ресторан, на скара или пржена, никогаш не сте сигурни дали на истата скара не се печени свински ражниња, на пример, или во фритезата, во истото масло за јадење, не се пржени компири. Последиците ви се познати – после вкусната вечера, следува ноќ на борба со желудочните киселини.

Има едноставен начин да ги прескокнете проблемите – подгответе риба самите. Брзо, евтино и здраво!

Потребни состојки:
(доволно за 2 до 3 порции)

1 килограм сардини

зачин микс за риба

масло за јадење (сончогледово)

сол

Сардината е евтина и исклучително квалитетна риба. Кој не верува, нека провери на интернет. На ист начин можете да приготвите и скуши (секогаш купувајте помали парчиња скуша), ципура и лаврак. Сардините што ќе ги купите треба да бидат поедри и задолжително инсистирајте да ви ги исчистат, при што треба да се отстранат и главите.

Најважната постапка е маринирањето. Рибата може да се пече и немаринирана, но секогаш е подобро таа да отстои неколку часа во фрижидерот, намачкана со масло за јадење, добро посолена и зачинета со вашиот зачин. Некои преферираат маслиново масло за маринирање, но ако се одлучите за таа опција, имајте на ум дека вкусот на ова масло апсолутно ќе доминира. Ние преферираме сончогледово масло, кое е неутрално. Некои додаваат и лимон, но нашето искуство вели дека лимонот го „убива“ автентичниот вкус на рибата.

Откако сардините ќе отстојат неколку часа во маринадата (може повремено да ги промешувате, за сокот да се распореди рамномерно), внимателно наредете ги во кесичката за печење (според упатството) и врз хартијата за печење, како на фотографијата:

Се пече на температура од 180 Целзисуови степени. Кесичките ќе се надујат и после 15 до 20 минути печење, потребно е тие да се исечат, како на фотографијата:

Сардините треба да се допечат уште 10 минути. Сокот во кесичките треба речиси да испари, но не претерувајте – целта е сардините да ги вкусите сочни и да ги јадете цели, без да барате „коски“. Вадењето на печените сардини од кесичките е едноставно, а употребените кесички ќе ги замотате во хартијата за печење и на вашата тава за печење нема да остане ниту капка мрснотија.

Печените сардини одлично одат со добра и обилна салата, „пијат“ бело и црвено вино, по ваш избор, а одлични се за мезење во друштво. Понесете си вино од Македонија – сепак нема подобро!