Седум грешки што ги правиме кога јадеме зеленчук

Понекогаш ги фрламе најздравите делови од зеленчукот во канта за отпадоци, наместо да завршат во нашата чинија.

0
1402

Кога фрламе делови од зеленчукот, освен што губиме важни хранливи материи, тоа не е добро ниту за нашиот домашен буџет. Прочитајте како да ги избегнете овие грешки кои ги правиме кога подготвуваме зеленчук.

Го фрламе најздравиот дел од зелката и лиснатите салати

Надворешните листови од зелката или зелената салата неретко не изгледаат „совршено“, а понекогаш имаат и помали дамки, па често ги фрламе и ги користиме само внатрешните листови, не знаејќи дека  со тоа всушност го фрламе најздравиот дел од зелката, односно, од зелената салата.

Надворешните листови биле најмногу изложени на сонце, па затоа содржат и до десет пати повеќе флавоноиди отколку внатрешните листови.

Флавонидите се важен нутриент, кој делува како антиоксиданс и помага во превенцијата на канцерогените заболувања. Отсечете го внимателно само оној дел кој е видливо оштетен и искористете максимум од надворешните листови, а ако се оштетени толку што не можете да ги јадете во салата, секогаш можете да ги пропржите на маслиново масло или да ги додадете во супа од зеленчук.

Ги фрламе коренот и стебленцата од карфиолот

Коренот од карфиолот, како и петелките од цветовите на карфиолот се јадливи и богати со влакна, но неретко завршуваат во канта за отпадоци. Можете да ги искористите во јадења од карфиол, да ги додадете во супа или да направите јадење од истите со компири. Коренот од карфиол е богат со влакна и во Индија се јаде свеж. (Потребно е само да се отстрани со нож надворешниот слој од коренот, кој е со потемна боја: внатрешноста на коренот е хранлива и целосно јадлива).

Ги фрламе стебленцата од брокулата

Стебленцата од брокула се исто така јадливи, како и оние од карфиол. Можат да се подготват сами, накратко пропржени на маслиново масло со залини, како прилог за јадењето или во комбинација со компир, во варива или во супа.

Ја фрламе внатрешноста на тиквата

Внатрешноста на тиквата со семките е одлична основа за супи. Проварете ја накратко во вода, исцедете ја водата и зачувајте ја за супи кои на тој начин ќе ги збогатите со дополнителни витамини и минерали. Можете да ги додадете и останатите делови од зеленчукот кои можеби не ги користите (стебленцата од листовите спанаќ или блитва).

Го преваруваме зелениот зеленчук

Најзначајните нутриенти од зелениот зеленчук (како хлорофилот и витаминот Ц) се термолабилни (чувствителни на температура), па со варењето губат многу скапоцени минерали и витамини.

Зелениот зеленчук е препорачливо да се јаде сиров или да се свари на пареа. На овој начин зеленчукот ќе ја задржи зелената боја и повеќето нутриенти.

Правиме безвкусна салата

Многу луѓе не сакаат многу салати заради специфичниот вкус на сировиот зеленчук. Но можете да го подобрите вкусот ако направите добар прелив. На пример, сок од лимон плус малку сол плус лажичка мед, маслиново масло и црн пипер или чили. Овој дресинг ќе ѝ даде феноменален вкус на секоја салата.

Јадеме идентичен зеленчук од ден во ден

Многу е важно зеленчукот што го јадеме да биде разновиден, за да ги внесеме со исхраната сите минерали и витамини. Дури и вегетаријанците паѓаат во замката да не јадат доволно зелен или коренест зеленчук, како репка, сладок компир, роткви…или пак јадат само неколку видови зеленчук, што неретко доведува до недостаток на одделни минерали и витамини, а тоа за последица има пад на имунитетот и нарушување на општото здравје.