Како да си одгледате домашни зачини

Нема вкусно јадење без ароматични зачини, особено ако се тие свежи и пораснати во вашиот дом, двор или балкон.

0
1106

Најпопуларни зачински билки се токму оние кои најчесто се употребуваат во кујната и кои ги збогатуваат јадењата и напитоците со фантастични вкусови. Најдобро од се е што не мора да сте никаков стручњак ниту пак ви треба градина за да си ги одгледате сами. За повеќето од најчесто употребуваните доволни ви се мали саксии, тегли или стари шолји за чај.

За ова не ви треба ниту многу простор ниту топло време. Значи, можете да ги посадите дома дури и кога е ладно и да ги чувате покрај кујнскиот прозорец или било каде во кујната кадешто ќе ви биде на дофат на рака.

Се разбира, не се сите еднакви и на сите им требаат различни услови па затоа, ако планирате да засадите зачински билки треба да знаете дека на мајчината душица, на жалфијата, рузмаринот и ориганото, им треба повеќе сонце, а на некои малку помалку (на пример, на босилекот и магдоносот). И засадете ги само оние кои ги користите.

Засадете ги семињата во богата, пропустлива земја и никако не користете пестициди. Обезбедете им доволно вода и светлина.

Босилек

Овој зачин е идеален за одгледување во тегли, но почувствителен е од останатите па се препорачува да се засадат во мај, а потоа младите изданоци во јуни можете да ги извадите на отворен простор. Шест недели подоцна, босилекот е спремен за берење, а колку повеќе го берете, толку повеќе и ќе раѓа па очекувајте цело лето да имате свеж босилек од кој ќе си правите и чај и песто, а секако, ќе го употребувате и свеж, во салати сосови.

Жалфија

Оваа билка има јак корен и може да порасне и до 30-60 цм. Има горчлив вкус па употребувајте ја многу внимателно за да не го расипете вкусот на јадењето. Ако засадите семе треба да чекате да порасне цела година, затоа е подобро да ја зафатите со младо гранче. Се бере пред да процвета.

Мајчина душица

Оваа трајна билка идеално поднесува затворени простори без директна и силна сончева светлина (иако сака сонце). Најдобро е да се користи свежа, а врвовите од ливчињата се берат  два пати годишно пред да процветаат.

Рузмарин

Се препорачува наместо семе, да го зафатите од гранче инаку ќе чекате и до три години за да порасне. Со оглед на тоа што расте како грмушка, ова е една од оние билки за кои сепак ви треба двор или многу голема саксија и балкон. Може да порасне и до 2 метри височина. Не го залевајте премногу обилно.

Оригано

На семето од оригано му треба сонце за да никне затоа при садењето не го покривајте со земја. Сака многу сонце па чувајте го на суво место далеку од влага. Засаденото семе ќе никне за 7 до 14 дена, а листовите е најдобро да се берат пред да процветаат.

Магдонос

На оваа билка не ѝ треба директно сонце, не развива голем корен па лесно се одгледува и во тегла за цвеќе. Прскајте го со вода или одржувајте оптимална количина вода во чинијата под садот во кој сте го насадиле, а секако сечете го веднаш штом му пораснат ливчиња затоа што на тој начин го поттикнувате неговиот натамошен раст. Листовите се стасани за берба 70-90 дена откако ќе ги засадите.

Копар

Копарот е двегодишна билка која има многу дебел корен, па за него ви треба и поголем сад. Може да нарасне и до 120 цм, а му одговара топло и не премногу врело место. Спаѓа под видот на плевел, па е многу лесен за одгледување (може да расне и во сад со други билки) а берете го кога цветовите ќе се отворат и кога семчите ќе добијат кафеавкаста боја. Добра работа е што се употребува целата билка (корен, стебло, цвет и листови).