Велигденски јајца на индиски начин

Ако ви останале варени јајца, испробајте ја оваа вкусна масала од јајца која ќе ве воодушеви со вкусот.

0
628

Деновиве се јадат варени јајца. И веројатно имате барем уште 5-6 во фрижидерот кои конечно, денеска, мора да се изедат.

За да не ги јадете онака, само со сол, зашто сигурно веќе се презаситивте од нив, а и Мимоза салатата ви е веќе преку глава, еве една многу поинтересна варијанта за да ги дојадете сите останати јајца од Велигден, и тоа во сласт.

Состојки:

Варени јајца

1 црвен кромид

1 голем домат

1 лажичка кумин

1 лажичка чили во прав

4 чешниња лук, ситно исчекани

1 лажица ѓумбир

1 лажичка сечкан коријандер

Билно масло

Прстофат сол

Прстофат црн пипер

Приготвување:

Во длабок сад или во тава загрејте го маслото и пропржете ги варените јајца додека не заруменат.

Во истиот сад додадете уште малку масло и ставете ѓумбир, кумин и лук и загревајте неколку минути. Додадете го кромидот, сол и црн пипер и пржете додека кромидот целосно не омекне. Потоа ставете го доматот и варете уште 1-2 минути.

Состојките тргнете ги од оган и измешајте ги со миксер или во блендер. Потоа вратете ги во садот и повторно на оган, додадете го коријандерот и чилито и кратко проварете.

Ставете ги јајцата и чаша вода и оставете сѐ да се вари 2-3 минути. Проверете дали треба да се зачини уште малку и тргнете од оган.

Послужете со топло лепче.