Дури и самиот збор „салата“ асоцира на здравје, но во салатите честопати знаеме да додадеме разни состојки кои од овој здрав оброк знаат да направат тежок и калоричен оброк.
Идеалната салата би требало да биде избалансирана и да содржи околу 4-5 додатоци кои даваат различни вкусови и нутриенти. Но не мора да бидете нутриционисти за да направите совршена комбинација – за почеток, избегнувајте ги овие додатоци!
Пржени и похувани додатоци
За жал, крцкавиот пржен кромид или тортилја чипс ќе ја претворат вашата салата во нездрава храна. Пржените намирници можеби ќе ѝ дадат на вашата салата крцкав вкус, но ќе добиете и значајна количина калории и преработени јаглени хидрати.
Сланина
Не само што е сланината исклучително богата со маснотии (само две парчиња содржат околу 7 грама масти и околу 100 калории), преработеното месо сѐ повеќе се поврзува со ризикот од рак на дебелото црево. Ако сакате салата со богат вкус, заменете ја сланината со варено пилешко.
Кашкавал
Ако не можете без кашкавал или сирење, секако внимавајте на количините кои ги додавате во својата салата (не повеќе од едно парче или 3-4 коцкички).
Суво овошје
Овошјето во текот на процесот на дехидратација губи од волуменот и дел од водата, па ќе добиете помали количини отколку ако во салатата ставите некое друго, свежо овошје.
Кремави преливи за салати
Густите преливи за салати најчесто содржат сериозна количина калории, шеќер, вештачки состојки, заситени масти и натриум. Ако вашата салата содржи многу состојки богати со калории (на пример, кашкавал и јаткасти плодови) секако изоставете ги преливите и додадете само малку сок од лимон. Витаминот Ц ќе му помогне на вашето тело во апсорпцијата на железо од зеленчукот, а ако сокот од лимон не ви оди со салатата, можете да додадете малку малсиново масло кое е одличен извор на витамин Е и на здрави масти.