Вината на „Стоби“ ги воодушевија посетителите на „Продекспо“ во Москва

Винаријата на почетокот од месецов го претстави своето портфолио на производи на еден од најреномираните саеми за прехрана во светот

0
114

Најквалитетните вина на винаријата „Стоби“ уште еднаш го потврдија високиот углед што го уживаат на рускиот пазар кадешто се присутни долго време. Винаријата на почетокот од месецов го претстави своето портфолио на производи на еден од најреномираните саеми за прехрана во светот, саемот „Продекспо“ во Москва, кадешто го привлече вниманието на бројните посетители кои беа воодушевени од квалитетот и вкусот на вината на „Стоби“.

Саемот „Продекспо“ веќе 25 години традиционално се одржува во руската метропола. Годинешното издание на саемот се одржа на простор од околу 100.000 метри квадратни, а на него се претставија 2.342 компании од 63 земји во светот. Претставувањето на винаријата „Стоби“на „Продекспо“ го одржа тимот на винаријата од Македонија во соработка со долгогодишниот дистрибутер на вината „Стоби“ на рускиот пазар, компанијата „Браво трејд“.

Претставувањето пред руските, но и многубројните посетители од странство, беше заокружено со организирање на специјален дегустативен настан на кој винските љубители уживаа во најквалитетните вина на „Стоби“ и вкусната храна приготвена специјално за оваа прилика како комбинација на специјално селектираните вина. Притоа, главниот акцент на дегустацијата беше ставен на вината од ексклузивната линија „Приватна резерва“ (Private Reserve) кои редовно ги освојуваат најпрестижните награди на винските натпревари низ светот.

На дегустативниот настан на „Стоби“ присуствуваа повеќе од 70 гости, бизнис партнери и клиенти со кои компанијата „Браво трејд“ соработува со години. Освен во квалитетните вина и вкусната храна, гостите уживаа и во специјална програма со музика, бармен-шоу, сликање со ѕвездена прашина, шоу со балансирање со чаши и шишиња, стенд-ап комедија, диџеј сет и други изненадувања.

– Нашето успешно претставување на саемот „Продекспо“ уште еднаш го потврди високиот углед што вината на „Стоби“ го уживаат меѓу пребирливите конзументи во Русија. Станува збор за навистина голем пазар кој е тешко да се освои, а во што ние успеваме веќе подолго време. На овој пазар, како и на сите други пазари каде што сме присутни, нудиме производи со издржан квалитет кои се соодветни на барањата и вкусот на купувачите. Истовремено, го имаме вистинскиот партнер од доверба со кој заеднички се посветуваме на промоција на нашиот бренд. И тоа е вистинскиот рецепт за успех – вели Ана Јорданова, сопственичка на винаријата „Стоби“.

Винаријата „Стоби“ годишно произведува околу 4,5 милиони литри вино во шишиња, од кои над 70 отсто одат за извоз. Во моментов, вината на „Стоби“ се присутни на европскиот пазар, во САД и во Јапонија. Во Европа, освен во Русија, „Стоби“ извезува и во поранешните југословенски држави, соседните балкански земји, Холандија, Данска, Велика Британија и Германија.