Неколку здрави намирници кои би тебало почесто да ги јадеме

Суви сливи, цвекло, кефир, артичоки, сардини,... Зошто треба да ги јадеме овие намирници?

0
1409

Ако обрнеме повеќе внимание на она што го внесуваме во организмот, ќе го подобриме сопственото здравје, физичкиот изглед, но и психичката состојба.

Со оглед на тоа што не сме запознаени со сите благодети на одделни намирници, одлучивме да издвоиме неколку подзаборавени намирници кои би требало почесто да ги имаме во нашите чинии.

Карфиол

Полн е со влакна, витамин Ц и хранливи материи кои учествуваат во борбата против ракот. Од карфиолот можете да направите крем супа, да го запечете во рерна, да го сварите или да го додадете во смути.

Цвекло

Богато е со антиоксиданси што помага во заштита од ракот и други хронични болести. Освен тоа, сокот од цвекло може да го снижи високиот притисок и да ја подобри циркулацијата. Сировото цвекло дава сила, па можете да го јадете свежо рендано, зачинето со оцет и маслиново масло.

Алги

Освен ако не сте љубител на суши, алгите веројатно не се наоѓаат во вашите чинии. Меѓутоа, нивната хранливост би можела да ве изненади. Бидејќи ги апсорбираат хранливите материи од морето, алгите се богати со витамини и минерали, особено со калциум и железо. Исто така, алгите изобилуваат со белковини и содржат многу малку масти.

Сардини

Овие мали риби имаат голема нутритивна вредност. Сардините се извонреден извор на омега-3 масни киселини. Исто така, содржат витамин Б 12 и витамин Д, кои служат за јакнење на коските.

Артичоки

Артичоките се сѐ попопуларна намирница, а можете да ги подготвувате на скара, да ги варите или да ги јадете сирови. Една артичока со просечна големина содржи околу 60 калории. Освен ниска калориска вредност, артичоките содржат многу влакна, што е добро за оние кои се на диета.

Кефир

Овој облик на ферментирано млеко веќе со векови се користи за лекување на бројни здравствени тегоби. Кефирот има противвоспалително дејствување и изобилува со добри бактерии, што го става во редот на здрави пробиотички намирници. Кефирот можете да го пиете самостојно, да го додадете во смути или во овесна каша со свежо овошје.

Суви сливи

Богати се со антиоксиданси и влакна. Четвртина шолја суви сливи содржи околу 104 калории и 12 отсто влакна потребни во еден ден. Можете да ги јадете самостојно, да ги додадете во мафини, во солени јадења, смути или во житарки за појадок.