Помалку или повеќе сите ние пораснавме на пекмез од сливи. Како десерт после лепчето намачкано со ајвар, си мачкавме лепче со пекмез од сливи или уште подобро, го мачкавме на палачинки.
Ако не сте правеле досега затоа што мислите дека е премногу комплицирано, веднаш ќе ве разувериме.
Само ги миете сливите, ги вадите семките, ги ставате во длабока тепсија и ги печете се додека не се претворат во пекмез и тоа е тоа. Многумина додаваат шеќер, рум, цимет и слично, но пробајте и вака.
Состојки:
На пример, 4 кг сливи
тепсија за печење
стерилни тегли
Приготвување:
1. Загрејте ја рерната на 200°C. Сливите измијте ги, преполовете ги и отстранете им ги семките, па наредете ги во тепсијата и ставете ги да се печат.
2. После час и половина, сливите ќе почнат да се згуснуваат па ќе треба да ги измешате и да ја намалите температурата. Додека се печат ќе мора често да ги мешате за да не ви загорат, а кога ќе стане многу густ и ќе добие темно виолетова боја, извадете го од рерната и наполнете ги со него стерилизираните теглички.
3. Теглите не ги затварајте туку така наполнети ставете ги во рерна загреана на 100 степени уште десетина минути. Потоа затворете ги и завиткајте ги во кујнска крпа се додека не се оладат.
Совет:
Вака приготвениот пекмез чувајте го на темно и ладно место и ќе ви трае цела зима. Сепак, кога ќе ја отворите теглата, подобро е да ја потрошите побргу.