Менаџерот за вински туризам од винаријата „Тиквеш“Александар Ристовски, во саботата, беше еден од домаќините на новинарите кои беа поканети како гости, но и за да се пробаат како берачи на грозје и, се разбира, како дегустатори на одличните вина и прекрасната храна подготвена за нив во винаријата на Тиквеш, во Лепово.
Поседот „Лепово“ е сместен во предел во кој природата е вистински наклонета за одгледување грозје и кадешто сонцето, водата, климатските услови и почвата, сѐ во совршен баланс, идеален за производство на префинети вина.
Локалитетот, вели нашиот домаќин и соговорник, Александар Ристовски, се карактеризира со суб-медитеранска клима, со долги сончеви и топли денови и кратки и релативно топли ноќи во периодот од јуни до крајот на октомври, кога грозјето ја добива својата полна зрелост. Лозјата на локацијата Лепово се на надморска висина од 250 метри, а поради близината до реката Вардар се изложени на постојан благ, топол ветар „Повардарец“, кој го носи влијанието на медитеранот и овозможува лозовите насади да бидат во совршена здравствена состојба. Токму за таа цел пак, на почетокот од секој ред винова лоза, засадена е по една роза која, велат познавачите, е прв показател во случај кога лозјето ќе фати некоја болест.
„Ние, во Тиквеш, имаме за цел подигнување на винската култура во државата, како и зголемување на знаењето кај заинтересираните за историјата на виното и долгата традиција на Винаријата Тиквеш и токму тоа веќе девет години го правиме во рамките на винскиот туризам. Имено, во последно време е модерно сите винарии да ги отворат своите врати и да дозволат нивните консументи да можат да видат на лице место како настанува производот и да го дегустираат истиот, па токму тоа го правиме и ние во Тиквеш. Имаме ресторан со комплетна понуда на храна и дегустација на вина, а подготвени сме и за кетеринг на било кое место во Македонија. Јас сум тука од самиот почеток на овој вински туризам и моја задача е да ги менаџирам вработените, кои се во овој дел 20 луѓе, потоа во соработка со готвачот да ги составиме менијата, да направиме спој и да одредиме во менито кое вино со која храна треба да се служи и да им се нуди на клиентите и на гостите, држам обуки за сомелиери, итн.“, вели Ристовски.
Тој потекнува од овој лозарски крај, од Неготино и неговото семејство се занимавало со лозарство па како што вели, научил многу тајни на лозарството и винарството токму тука, во рамките на семејството и благодарение на семејната традиција. Долго време работел во проекти за поддршка на земјоделски здруженија, а неколку години бил и претседател на здружението на лозари во Неготино. Откако пред девет години почнал да работи во „Тиквеш“, добил можност да се надгради себеси со обуки за сомелиерство кај Игор Луковиќ, кој е еден од главните сомелиери во српската асоцијација на сомелиери СЕРСА, а потоа и на училиштето за дегустација на вино „Wine and spirit education“ во Лондон кадешто ги поминал второто и третото ниво, а се надева дека ќе го заврши и четвртото.
„Во курсевите за сомелиери се опфаќаат дел од производството на грозје, техниките, бидејќи сомелиерот мора да знае кои се сорти на грозје постојат, кои се нивните карактеристики, какви резултати може да се очекуваат од нив, односно, мора да се научи сето ова пред да се прејде на дегустирањето кое прво се прави со познати вина, а потоа, кога се полага испит се оди на слепа дегустација. Тоа значи дека добивате чаша вино па вие треба да одредите од која сорта грозје е, која техника, евентуално да одредите година на берба и слично. Се трудам знаењето кое јас го стекнав да им го пренесам на другите, а со оглед на тоа што во Македонија нема ниту една институција која дава такви обуки, „Тиквеш“ си ја зема таа обврска да им помага на угостителските објекти низ Македонија, да го обучува персоналот за да помогнеме општата винска култура да биде на повисоко ниво“, вели нашиот соговорник.
Инаку, самиот е вистински познавач и љубител на виното па бескрајно ужива во својата работа.
На прашањето колку вино пие и дали пие секој ден, вели: „Секако дека не мора да се пие секој ден, па има денови кога не пијам, но има денови кога пијам и по едно шише, па и повеќе, иако, за волја на вистината, пробувањето на вино не подразбира пиење. Такашто, кога го правам тоа професионално, тогаш виното го пробувам, го дегустирам, па го плукам. Во винарската визба сум задолжен да ги примам гостите, меѓу кои само туристи има околу 10 илјади годишно. Освен туристи, редовно ни доаѓаат и деловни гости, купувачи на вината на „Тиквеш“ од 45 земји во светот. На почетокот сите гости кои доаѓаа ги водев низ Тиквеш раскажувајќи им ја приказната, затоа што идејата на винскиот туризам е секој што ќе дојде прво да оди на винска тура, а дури потоа на консумација на вино и храна. Сега тоа го прават и моите колеги. Ако претходно, пред 5-6 години 80 отсто од туристите кои доаѓаа беа странци, претежно од Холандија, Шведска, Данска, Белгија, Србија, Словенија, сега околу 55-60 отсто се Македонци. Имено, Македонците ја открија убавината на винскиот туризам и се повеќе, а некои од нив дури и по два-три пати годишно, доаѓаат тука“, вели Ристовски.
ОНа што е интересно за концептот на Лепово е производство на вино од сопствени насади, со тоа што бербата и преработката на грозјето се прават на лице место. На тој принцип во рамките на Тиквеш само во Лепово се работи овој концепт на домеин вина.
Лепово е локалитет кој одговара за производство на јаки моќни екстрактивни вина, за чии моќни својства и ароми придонесува и нивното одлежување во специјални дабови буриња кои се користат само за виното од две берби. Исто така, станува збор и за релативно сушен предел, песковита почва која генерира многу сончево зрачење, па вината се налик на вината од медитеранските земји, вина кои имаат бенефиција од поголема изложеност на сонце, како што се Пино Ноар и Шардоне.
Токму Пино Ноар од ултра ексклузивниот вински бренд „Домен Лепово“ е и фаворитот на нашиот домаќин кој пак, како што вели, е голем маанџија.
„Да, да, голем маанџија за вино сум, пробувам, коментирам и секогаш се трудам да најдам што му недостасува, а кога нема да најдам такво нешто, е тогаш е тоа ТОА. Такво е за мене Пино Ноар од Лепово, јако црвено овошно вино со пријатни ароми на црвено шумско овошје, испреплетени со ноти на кафе и чоколадо благодарение на зреењето во дабови бочви што му дава елегантен вкус“, опишува Александар наздравувајќи со чаша од своето омилено вино.
Што се однесува до вината во светски рамки, вели: „ Франција е позната како најдобар и најголем производител на вино во цел свет, меѓутоа слободно можам да кажам дека се зависи од стратегиската определба на винариите. Имено, секое подрачје во светот си има своја карактеристика која се одразува во виното, па така, Французите имаат традиција и долгогодишно искуство да му го презентираат тоа на целиот свет и ние ги перцепираме како такви, но јас тврдам дека вината на Тиквеш можат да се натпреваруваат со 95 отсто од вината произведени во француските винарии, и тоа сериозно, на некоја дегустација.
Па често се случувало на натпревари, дегустации на светско ниво, да имаме повеќе медали од француските вина“, ја завршува својата приказна Александар.