Две девојки и двајца момци од дигиталната индустрија креираа агрегатор кој има за цел да ви помогне да го одберете идеалниот оброк.
Не се работи за сервис за испорака на храна, но ќе ви даде идеја што да јадете или што да ви испратат по велосипед или такси. Не е адресар на ресторани, ама затоа е адресар на оброци, кои по некоја случајност се приготвуваат во ресторани, кафани или сомнителни трафики. Нема онлајн плаќање или нарачување. Misejade.mk е тука за да ви даде идеја, а не да ви земе пари.
Паметниот алгоритам, користејќи ја вашата локација ќе ви понуди избор на многубројни оброци кои се наоѓаат во вашата околина.
„Филтрите за категории, на кои сме научени до сега, ги заменивме со харизматични ликови и докажани гурмани како баба Љуба, Марио Фит, Пере Ждере, Анка Вегетаријанка итн. Сите ликови се грубо базирани на вистински личности, секој од нив експерт во својата област. Така на пример, Анка Вегетаријанка ќе ти ги понуди сите вегетаријански оброци кои се наоѓаат во твоја близина и се моментално достапни.” – вели Владимир Василевски, еден од основачите на misejade.mk.
Во моментов misejade.mk прикажува точно 2913 оброци од 49 угостителски објекти. Оваа бројка секојдневно расте и ќе продолжи се додека не се мапираат сите можни опции.
Прикажаните оброци се од угостители кои во моментот на пребарување се отворени. Ова значи дека доколку отворите misejade.mk во 4 часот наутро, ќе знаете точно што и од каде можете да јадете.