Станува збор за „граѓанска војна“ помеѓу два италијански региона која трае веќе подолго време, а во центарот на борбата е еден од најпознатите колачи на светот – тирамису!
Соседните региони Фурланија-Јулијска краина и Венето веќе со децении се спорат околу тоа каде е измислено тирамисуто, но неодамна Фурланија долеала масло на оган, ставајќи го популарниот колач на својата официјална листа на традиционални јадења.
Направен од кафе, маскарпоне, јајца, шеќер, пишкоти и какао, тирамисуто станало со време едно од најпопуларните не само италијански, туку и светски десерти. Но никој не може точно да се договори како и каде настанал.
Со години најверодостојната теорија велеше дека потекнува од Венето, регионот во кој се наоѓа Венеција, и се тврдеше дека е измислен во ресторанот Le Beccherie во Тревисо, во 60-тите години на минатиот век. Но минатата година гастро новинарите Клара и Џиџи Падовани кренале бура со наоѓањето на рецепти за тирамису од 50-тите години, а рецептите се најдени во Фурланија.
Благодарение на тоа откритие, овој регион го додал тирамисуто на листата на традиционални регионални јадења, а листата ја потврдило и италијанското министерство за земјоделие.
Ова предизвикало бура на негодување во Венето, чии жители се огорчени, а гувернерот на регионот Лука Заја побарал суспензија на таа одлука.