Чоколадото како превенција од аритмија

0
761

Новото истражување спроведено во Данска е добра вест за сите љубители на чоколадо, затоа што, судејќи по резултатите, редовното консумирање на овој вкусен деликатес може да го спречи развојот на атријална фибрилација – вид на аритмија која го зголемува ризикот за срцев или мозочен удар.

Научниците откриле дека возрасните луѓе кои биле вклучени во студијата, а јаделе чоколадо најмалку еднаш месечно (или почесто), имале 10 до 20 отсто помала стапка на атријална фибрилација отколку лицата кои јаделе чоколадо поретко од еднаш месечно.

Вистинска доза

Воочено е дека заштитното влијание на чоколадото било најсилно кај оние кои јаделе околу 30 грама чоколадо два до шест пати неделно. Во истражувањето биле вклучени 55.000 лица помеѓу 50 и 64 години, а сите морале да пополнат прашалник во кој едно од прашањата било и колку често јаделе чоколадо изминатите години.

Во текот на истражувањето кое траело 13 ипол години кај повеќе од 3300 испитаници била дијагностицирана атријална фибрилација, а се покажало дека постои поврзаност помеѓу намалениот ризик за развој на таа болест и умерената консумација на чоколадо.

Жените кои јаделе 30 грама чоколадо еднаш неделно имале 21 отсто помал ризик за развој на атријална фибрилација, а мажите кои јаделе околу 30 грама чоколадо два до шест пати неделно имале за 23 отсто помал ризик.