Вината на „Стоби“ триумфираа на винскиот натпревар „Вино Љубљана“ кој се одржа пред десетина дена во главниот град на Словенија.
Во конкуренција од 430 вина од 19 држави меѓу кои и од Италија, Шпанија и Аргентина, црвените вина „Вердот“ од 2012 година и „Веритас“ од 2013 од линијата „приватна резерва“ беа меѓу најдобрите. Инаку овој настан се смета за најстар вински натпревар во светот. Наградите беа доделени врз основа на гласовите од 48 вински критичари од 15 земји.
„Веритас“ доби златен медал и на ланското издание на „Вино Љубљана“. Станува збор за вино со темна рубин боја богато со природни шеќери и со специфичен ароматски комплекс. „Вердот“ од 2012 година беше оценето како богато и одлично избалансирано вино освојувајќи 86,80 поени од севкупни 100. „Вердо“ и „Веритас“ се дел од линијата „приватна резерва“ и го претставуваат „најдоброто од најдоброто“ креирано од стручниот тим на „Стоби“. Двете вина се созреани во дабови буриња.
„Стоби“ со вината од оваа нова линија „приватна резерва“ изминатиот период учествуваа и триумфираа на повеќе натпревари низ целиот свет како „Мундус вини“ во Германија, BIWC (The Balkans International Wine Competition), „Декантер“ и многу други.
Винаријата „Стоби“ произведува висококвалитетни вина кои на пазарот исклучиво ги пласира во шише. Годишно произведува вкупно 4,5 милиони литри вино, од кои најголемиот дел, односно 75 отсто, се пласираат на 20 странски пазари. Овој факт ја прави винаријата „Стоби“ втор најголем извозник на вино во шише од Македонија. Токму поради продажните бројки кои бележат нагорен тренд од година во година, во план е проширување на производните капацитети на винаријата во следниот период.