За човек кој во животот испил повеќе од 300 различни видови на алкохолни пијалоци, а дневно знаел да испуши и до 70 цигари, повеќето би рекле дека е пијаница. Меѓутоа, овој маж со гаранција не e тоа, a се што правел во животот, правел со мерка. Тој е командант на бротанската тајна служба MI6, кодниот број му е „007“, може неограничено да ја користи дозволата за убивање, жените се негова најголема страст, а и тој ним. Неговото име е Бонд, Џејмс Бонд. Најчесто пие коктел „Вотка-мартини“, протресен, не измешан.
„Votka-Martini, shaken, not stirred“ e една од легендарните реченици на Џејмс Бонд. Од Шон Конери па се до Даниел Крејг, овој пијалок е омилен за агентот 007.
Но зошто е протресениот коктел подобар од измешаниот? Стручњаците велат дека одговорот е едноставен: кога овој коктел само се протресува во него се уште постојат мали парчиња мраз и тој е поладен, додека пак измешаниот нема мраз и е целосно „чист“.
Историјатот на коктелите е врзан главно за Америка, а златно доба на коктелите се 20. и 30. години од 20.век, иако почетоците се уште многу подалеку во минатото.
Некои стручњаци тврдат дека пијалоците се мешале уште во 17 век, но се пиеле главно на дворовите, во посебни пригоди и биле резервирани само за владетелите и за нивните гости.
Легендата вели дека првиот коктел е послужен за време на американската граѓанска војна, како и дека настанал сосема случајно во една крчма. Имено, сопственикот уживал во борбата на петли и имал шампион по име Јупитер. Постои приказна дека Јупитер бил донесен од страна на еден трговец, а воодушевен од петелот, газдата побарал од Дејзи, девојката која работела во крчмата, да го услужи гостинот со најдобриот пијалок. Сакајќи да му удоволи, Дејзи ја зела најубавата чаша, ставила во неа мешавина од најдобрите пијалоци и сето тоа го украсила со еден од пердувите на Јупитер. Така настанал првиот коктел, како и името на овој пијалок. Имено, коктел е мешавина од англиските зборови cock (петел) и tail (опашка). Современите коктели не се украсуваат со пердуви, но затоа пак се служат во посебни чаши, украсени со чадорчиња, разнобојни цевки, овошје…
Не е познато што точно ставила Дејзи во чашата, но првите рецепти биле објавени во 1806.година во најтиражниот њујоршки весник, кога коктелите ја добиле и првата официјална дефиниција како „пијалоци составени од алкохол, шеќер, вода и горчливи ликери“.
Барменот по име Џери Томас е уште едно важно име во историјата на коктелите. Тој во 1860 година објавил книга со рецепти, а струњаците тврдат дека бил вистински мајстор, дека правел најневеројатни мешавини за кои гостите се пријавувале со денови днапред.
Коктелите станале многу популарни во времето на прохибицијата. Бидејќи алкохолот бил илегален, строго контролиран, а неговата дистрибуција забранета, пијалоците биле многу слаби и невкусни. За да го поправат вкусот на лошиот алкохол, бармените правеле забранети мешавини, главно од џин кој најлесно се набавувал. Во тоа време настанале легендарните коктели како „Маргарита“, „Блади мери“, „Лонг ајленд“…
Некои стручњаци тврдат дека првиот „вистински“ коктел бил направен во Калифорнија, во 70-тите години од 19 век и дека бил претходник на денешниот „мартини“. Оригиналниот рецепт вклучувал бурбон, виски, шеќер, малку пелинковац или некој сличен горчлив пијалок, мараскино вишна и сода вода. Коктелот „Мартини“ им бил омилен на Черчил, Хемингвеј, Труман, а некои тврдат дека неговото прво име било „мартинез“, за да го добие своето конечно име во текот на прохибицијата. Денеска рецептот за „мартини“ вклучува џин, вермут, горчлив пијалок и задолжително-маслинка. И секако, треба да е: shaken, not stirred.
Во Европа коктелите стасале дури за време на Првата светска војна, заедно со американските војници. Во 80-години на минатиот век, коктелите доживуваат ренесанса и се враќаат на голема врата. Ги пијат сите, а ги популаризираат холивудските ѕвезди по кои многу од нив и го добиле своето име – Џинџер Роџерс, Грета Гарбо, Џони Вајсмилер, Ширли Темпл…
Колку бил популарен овој термин сведочат и термините „коктел забава“, „коктел фустан“. Во модерно време алкохолните пијалоци најмногу ги популаризирале девојките од култната серија „Сексот и градот“, кои најчесто пијат „Космополитен“ или „Менхетн“.
Во поранешна Југославија најпознат коктел-мајстор бил Анте Кунац кој му правел коктели и на Јосип Броз Тито, а самиот подоцна ја издал и книгата-прирачник „Коктели“ и имал свое кафуле на Корчула.
Во предговорот за книгата напишан од еден од најпознатите хрватски писатели и есеисти Игор Мандиќ пишува: „нема такво место и пригода, таква личност и такво друштво во кои добро подготвените коктели не доаѓаат како мелем за душа“. Според Мандиќ, авторот на книгата „Коктели“, Анте Кунац во своето кафуле на Корчула секогаш знаел да измеша некој коктел за секаква состојба, па вели: „коктелите лекуваат љубомора, забоболка, расонуваат, ви помагаат ако имате киселини, поттикнуваат апетит, а исто така и љубов“.
Токму затоа, и денеска правењето коктели е вистинска уметност, а не ретко бармените се нарекуваат психијатри па се вели дека добриот бармен точно знае каков коктел ви треба во согласност со вашето расположение.
Денеска, во хотелот „Мериот“ во Скопје е во тек десетото јубилејно Првенство на бармени во Македонија, кадешто триесетина бармени од цела Македонија се обидуваат да ја освојат титулата и да не претставуваат на Светското првенство на бармени во Копенхаген, Данска.