Милиброд со мак

Ваков милиброд порано се правеше многу често, но со време, веројатно зашто нашите баби веќе не се меѓу живите, рецептот како да се подзаборави или едноставно, се свртевме кон побрзи и поедноставни рецепти. Ама ете има една вредна читателка (Ана Радованац), која постојано ни испраќа рецепти и овојпат не израдува со стариот добар милиброд со мак.

0
3161

Состојки:

За тестото:

1 кг брашно

200 г путер (омекнат) или 250 мл зејтин

300 г шеќер

6 јајца

1 квасец

500 мл млеко

Рендана кора од 1 лимон

2 кесички ванилин шеќер

1 јајце за премачкување

За филот:

500 г ситно мелен мак

250 г млеко

150 г шеќер

2 кесички ванилин шеќер

Приготвување:

  1. Во подлабок сад изматете ги путерот, јајцата, топлото млеко, надојдениот квасец, шеќерот и кората од лимон. Додавајте го и брашното и по потреба додадете или одземете од количината. Тестото добро измесете го и оставете го да отстои околу 20-30 минути, односно, додека не порасне барем двојно.
  2. Во меѓувреме, макот прелијте го со врело млеко и оставете го да се олади. Додадете го шеќерот и со миксер изматете го филот.
  3. Поделете го тестото на три дела а потоа и нив поделете ги на три. Со помош на сукало расукајте го секој дел посебно и премачкајте ја секоја кора со филот и направете ролати.
  4. Премачкајте ги со изматеното јајце и оставете ги околу половина час да отстојат.
  5. Печете ги во загреана рерна на температура од 200 степени, околу 30 минути.