Хипертензијата, односно високиот крвен притисок, влијае на речиси половина од возрасните, а главниот фактор што придонесува за тоа е натриумот. За жал, возрасните обично консумираат премногу сол. Сегашните упатства за исхрана препорачуваат внесување сол не повеќе од 2.300 милиграми дневно, но се покажа дека возрасните консумираат во просек, повеќе од 3.400 милиграми дневно.
Компири против хипертензија
Следењето на внесот на натриум е првиот важен чекор кон решавање на проблемот, но би можеле да ви помогнат и други интервенции. Една неодамнешна студија, објавена во списанието Nutrients, покажала дека компирот може да помогне да се ублажи задржувањето на натриум и со тоа да се намали ризикот од хипертензија.
Како може компирот да помогне да се намали задржувањето на натриумот?
Истражувачите го проучувале влијанието на калиумот врз крвниот притисок и другите фактори на ризик за срцеви заболувања. Студијата ги споредила ефектите од зголемувањето на калиумот во исхраната – во овој случај, преку компирот.
„Иако значаен акцент често се става на намалување на внесот на натриум во исхраната за подобра контрола на крвниот притисок и ризикот од кардиоваскуларни заболувања, тоа е само половина приказна“, вели др. Кони Вивер. „Калиумот игра подеднакво важна улога, а односот на калиум со натриум е најважен во нашите прехранбени навики.
Во група од 30 мажи и жени кои биле или предхипертензивни или хипертензивни, истражувачите откриле дека вклучувањето порција печен компир (без дополнителни маснотии) е ефикасно во намалувањето на задржувањето на натриум во телото. Исто така, довело до значително подобрување на систолниот крвен притисок. Важно е да се напомене дека употребата на помфрит немало ист позитивен ефект – но научниците забележале дека и тој нема штетен ефект.
„Преку внимателно контролирани истражувања за рамнотежа, го утврдивме механизмот со кој компирот го намалува крвниот притисок“, забележала Вивер.„Заклучивме дека варениот или печен компир може да помогне во намалување на систолниот крвен притисок – а помфритот нема штетни ефекти врз крвниот притисок и може да се вклучи во целокупната здрава исхрана.
Други придобивки од компирите, освен калиум
Компирот може да има неправедно негативна репутација кога станува збор за здравјето. Тој често е во сенка на неговиот роднина – бататот (сладок компир). Вистина е дека класичниот компир може да придонесе за важни хранливи материи како калиум, како и прехранбени влакна, витамин Ц и Б5 и манган. Исто така е извор на антиоксиданти како што се флавоноиди, каротеноиди и фенолни киселини.
Фото: Unsplash