Телешка коленица во сос: Празник за непцето на месојадите

Кога ќе замириса опојниот мирис на рузмаринот заедно со оној на месото и ќе се спои со вкусот на сезонскиот зеленчук, сето тоа ’спакувано‘ во земјена тава, дури и на заколнатите вегетаријанци ќе им се отвори апетитот.

0
322

Во оваа комбинација од телешка коленица, црвени пиперки, домати, кромид арпаџик и неколку чешниња лук, не доминира мирисот на месото, туку оној на рузмаринот и зеленчукот, па можеби затоа би можелa да им отвори апетит дури и на оние кои веќе одамна се вегетаријанци и не сакаат ниту да помирисаат месо.

Иако не сум голем љубител на месо, оваа комбинација успеа да ми ги заскокотка сетилата и да ми го отвори апетитот.

Освен тоа, лесна е за правење. Сè се прави наеднаш, во земјена тава со капак, се пече околу 2 часа и кратко на крајот се вади капакот и се запекува уште малку. Значи, можете да го зачините месото со морска сол, црн пипер и рузмарин, да исечкате малечки кромитчиња и да ставите неколку цели чешниња лук, да ги исечкате доматите и да додадете неколку црвени пиперки, да залеете сè со маслиново масло, да ставите капак и да го оставите да се пече.

Потоа месојадите ќе си уживаат во месото, а оние кои се повеќе по зеленчукот и не им пречи мирисот на месо што го попримил, ќе си макаат од сосот.