Најдобриот коктел-бар е во …. во Соње?

Најдобрите коктели во Скопје и околината, испробани од пишувачот на овие редови во Долно Соње. Дали беше до коктелите или до атмосферата и друштвото, останува да нагаѓаме

0
1390

Кога викендов ме поканија во Соње старите добри пријатели на сестра ми, луѓето кои покрај неа и јас ги познавам целиот свој живот и кои таа, па и сите ние, ги гледаме како да ни се роднини, не очекував дека ќе се чувствувам како да сум во најдобриот ресторан во кој некогаш сум била, како да сум во најдобриот коктел-бар во кој некогаш сум била, но и како да сум на најдобрата свирка на која некогаш сум била.

Не дека се сомневав во нив, впрочем, сум била сведок и учесник на многу нивни журки пред повеќе од 3-4 децении, ама сметав дека сега сме сепак сите веќе луѓе „во години“, па дека некои работи се сигурно сменети. Мислам, некои од нив веќе имаат и внуци, а нашите деца се постари отколку што бевме ние пред 3-4 децении.

Ама не, луѓево со годините како да стануваат сè подобри и покреативни, а знаат да се забавуваат многу повеке од кои било дваесетгодишници денес.

И, патем, работите сега станале дури и уште подобри, особено кога станува збор за храната и пијалаците.

Мислам, ако некогаш се подготвувала храна, сега, со годините и искуството, таа се спрема уште подобро, повкусно, а заради габаритот на луѓето, и пообилно од секогаш. Но најдобро од сè е сепак дружењето.

Бидејќи еден текст е малку за сето тоа, во овој ќе им се посветам само на коктелите за кои сложно заклучивме дека се „лесни и освежителни“, и тоа, сите до еден.

Првиот коктел – Пина Колада, го подготвија синот и снаата на домаќините Лиде и Сашо, новопечените родители на нивниот шестмесечен внук Иан – Зорица и Љупчо. Откако ги подготвија суперосвежителните коктели, наздравија со нас, ги испија своите коктели и си заминаа, оставајќи им го теренот на „помладите“.

Инаку, поводот за оваа целодневна, а за некои од нив и „целовикендашка“ журка, беше доаѓањето на сестра ми и зет ми од Загреб, а тоа пак се поклопи и со две интересни годишнини, едната, почетокот на врската на Маца и Иван, во далечната 1985-та, а другата, почетокот на врската на Мече и Ниски во уште подалечната 1977. година.

Ние останатите, јас, Геле, Жаре, Зорица и домаќините, славевме со нив.

Инаку, за Пина Коладата е доволно да знаете дека ви требаат: бел рум, кокосово млеко, кокосов крем и сок од ананас. Најчесто се служи со издробен мраз и украсен со ананас.

Се верува дека модерниот коктел Пина Колада е создаден во бар во Сан Хуан, Порторико, во 1950 година, а во 1978. година е прогласен за официјален коктел на Порторико, ама најдобриот досега, барем јас, сум го пиела во Соње.

Блу куракао: ликер „Blu Curacao“, вотка, сок од праска, мраз и парчиња праска и шеќер за украс.

Д-р Пепер: 30 мл рум, 30 мл амарето, 40 мл пиво, мраз, парче портокал за декорација.

Бејлис: шлаг, ликер Бејлис, сварено јако кафе (филтер, еспресо, нес), вотка, чоколаден ликер

Мохито: Рум, нане, лајм, кисела вода

White Russian: Вотка, крем за готвење, чоколаден ликер

Негрони: кампари, џин, бело мартини, портокал за украсување

Блек кет (Black cat): Вотка, ликер од вишни, сок од боровница, кока-кола

Маи Таи: бел рум, темен рум, ликер со вкус на портокал, сок од портокал

Банана даикири: бел рум, ликер со вкус на портокал, банана.

И последниот коктел по предлог на уште еден член од друштвото кој живее во Германија, спорт коктел ала Влатче: јегермајстер, сок од порткал, швепс, мраз и парче лимета.