ПОЧЕТНА ТОП 5 Моќта на билките: Мелем од кантарион

Моќта на билките: Мелем од кантарион

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања, но најмногу од нив се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Токму под ова име е познат и оној чудесен мелем од кантарион и масло кој го има во речиси секоја куќа, а може да се набави и во аптеките

0
604

На 7.јули христијаните го прославуваат раѓањето на св. Јован Крстител, познат меѓу народот и како Иванден, еден од најголемите христијански празници, кој е поврзан со периодот на долгодневицата.

Со празникот се поврзани многу обичаи и верувања, но најпознати се ритуалите со билките, кои се еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а се остаток од старите словенски верувања.

Од обичаите што се изведувале на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат кое се бере вечерта спроти празникот, се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи. Исто така, се плетеле и крстови од засеклива трева, билка која е позната и под името кантарион, а нејзиното англиско име е токму St John’s wort.

Од оваа билка која е најпозната по своите здравствени придобивки се прави и т.н. Иванденски мелем.
Овој мелем има голема примена и порано го имало во секоја куќа, а денес може да се купи и готов, во аптеките.
Се користи за обложување на рани, исекотини, корисен е за масирање на стомачето кај бебиња постари од 3 месеци затоа што ги ублажува стомачните грчеви.

Погоден е и за смирување на кашлица, а името го добило токму по тоа што обично се подготвува за празникот Иванден.

Во тегла се ставаат цветови од кантарион (црвен или жолт кантарион, или и од едниот и од другиот), а потоа се прелеваат со зејтин за да се покријат убаво цветовите, се затвара и се остава на сонце 40 дена.

Откако ќе поминат 40 дена се процедува зејтинот, се собира во темни стаклени теглички или шишиња и се чува на поладно.
Кантарионот е исто така и одобрен лек кој се препорачува кај анксиозност, стрес и блага депресија.

Кантарионот има антибактериско и противоспалително дејство па помага кај рани и изгореници, се употребува за проблеми поврзани со варењето, желудникот како и за стомачен вирус. Етеричното масло од кантарион ги намалува желудочните тегоби и проблемите поврзани со чир на желудникот и како што веќе кажавме погоре, најпознат е како средство за блага депресија, промени во расположението и главоболки поврзани со стресот. Ефикасен е и многу подобро решение од некои анти-депресиви, особено кога не станува збор за сериозна состојба. Се употребува во облик на чај, капки, капсули и таблети.

Доколку сакате да подготвите чај, доволна ви е лажичка исушени цветови и листови од кантарион кои треба да ги прелиете со 250 мл вода. Потоа оставете го чајот поклопен да отстои околу 10 минути и пијте полека. Се препорачува да се пие два пати дневно, наутро и навечер.