Кои се победниците на натреварот „Зелени идеи“ за 2021?

Библиотека за играчки, облека за миленици и ароматизери од портокалови лушпи се трите победнички идеи на овогодинешниот натпревар „Зелени идеи“

0
356

Денеска (16 јуни) здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците за 2021 година на националниот натпревар „Зелени идеи“.

Станува збор за идеите „Прва библиотека за играчки“ на Горјана Боневска, „О-круг: производство на есенцијални масла и ароматизери од отпадни лушпи од портокал“ на Марија Бургиева кои ќе се натпреваруваат за поддршка од 5000 долари и идејата „Мини Ирина Тошева“ на модната дизајнерка Ирина Тошева која ќе се натпреварува за поддршка од 10 000 долари на регионалниот натпревар.

О-круг е здружение за промоција на одржливиот развој и социјалните бизнис модели. Со цел постигнување самостојна одржливост и потврдување на концептот, развиваме циркуларен бизнис модел во кој е предвидена преработка на биоотпад. Конкретно, на лушпи од портокал, од кои ќе се произведува линија на еко-продукти, како природни есенцијални масла и освежувачи на воздух.

„Ние сме млади луѓе и се радуваме за победата. Се надеваме дека ќе создадеме работни места посебно за младите од маргинализираните категории“, порача Марија Бургиева, победник во категоријата зелени концепти.

Од тимот на библиотеката за играчки пак велат дека идејата на зелената бизнис идеја за „Џагор“- првата библиотека за играчки. ќе понуди циркуларна алтернатива со можност за изнајмување на квалитетни играчки, справи и помагала, достапни и за оние со минимални примања.

„Ќе бидеме лоцирани во Скопје, а ќе работиме на принципот: редуцирај, реупотреби, рециклирај. До нашите услуги и понуди ќе имаат пристап покрај семејствата и различните центри за грижа на деца, резиденции, хостели и сл. Значаен фокус ќе биде посветен и на децата со различни попречености кои кај нас ќе можат да ги пронајдат најсоодветните игри за нивните потреби“, изјави Горјана Боневска, победник во категоријата зелени концепти .

Меѓу овогодинешните победници се најде и дизајнерката Ирина Тошева.

„Особена чест ми е што сум меѓу овогодинешните победници со идејата за под-етикета на мојот бренд „Мини Ирина Тошева“. Благодарна сум и за поддршката од жири комисијата која ми следува, како подобро би се подготвила и претставила на натпреварот во Србија, а која несомнено ќе помогне и на мојот бизнис. Се надевам дека ова ќе биде поттик и за јавноста да размислува повеќе „зелено“, затоа што и најмалите промени во секојдневните навики се голем чекор за нашето општество“, рече Ирина Тошева, победник во категоријата зелени идеи.

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.

Здружението за социјални иновации „АРНО“, седма година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 70 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) и минатогодишната победничка идеја „Вајс адитив“ која произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020).