Што би сакале повеќе табуле или фатуш салата?
И двете се дел од либанската кујна, а ние ги презедовме од ФБ страната ‘Здрава храна за дијабетичари’ чија администраторка е госпоѓа Лилјана Еј Арајси, инаку, мажена за Либанец. Оттаму и нејзините интересни рецепти кои освен што се погодни за дијабетичари, често се и дел од либанската кујна.
Овие две прекрасни салати ги задоволуваат сите потреби за витамини, минерали, јаглени хидрати, заситуваат и погодни се за дијабетичари.
Табуле салата
Состојки:
Неколку снопчиња млад кромид
2 китки магдонос
3-4 големи домати
1/2 филџан булгур (бургол)
сол, сок од лимон и маслиново масло.
Приготвување:
Кромидот се сечка целосно, сосе перцата, магдоносот се сечка поситно. Доматите се сечкаат на коцки (претходно отстоени во вода со оцет и сол и убаво измиени). Булгурот се покиснува во топла вода и се цеди. Се додава лимоновиот сок, сите состојки, се посолува и целата салата се меша и се зачинува со маслиново масло. Доколку немате млад кромид, ставете 3-4 главици стар кромид.
Фатуш салата
Состојки:
Неколку врзопи млад кромид
2 китки магдонос
1 марула
1 голема краставица
Неколку гранчиња обично свежо нане
1/2 китка коријандер
Приготвување:
Сè се кисне во вода со оцет и сода бикарбона и се мие убаво. Сите состојки се сечкаат, се додава и суво нане, неколку чешниња ситно исечкан лук, се додава сол, сок од лимон, вински оцет, маслиново масло, а на крај се додаваат пржени корички од леб.