Вишните, особено кога своерачно ќе си ги наберете, не само што се повкусни, туку и будат спомени. Секако, ако како помали сте оделе секоја година да ѝ помагате на баба ви да набере вишни откај пријателката за редовната доза на сок од вишни.
Ние како помали редовно, секоја година одевме кај тетка Ленче, која во својата градина имаше многу вишни. Се враќавме дома флекави и со црвени усни, ама и со полни торби со вкусни вишни. Е потоа се правеше сок од вишни на растварање, вишновка, слатко и секако, хитот на мајка ми – торта со вишни и крем од ванила.
Вишните се исклучително здраво овошје и му помагаат на телото да се одбрани од многу болести. Еве неколку здрави причини заради кои, иако се кисели, треба почесто да ги консумирате.
Некои истражувања покажуваат дека дванаесет вишни на ден имаат ист ефект како аспирин или ибупрофен во борба против болката. Ја намалуваат болката кај гихт и воспаление на мускулите, остеоартритис и ревматиден артритис, бидејќи имаат силни антиинфламаторни својства. Го нормализираат нивото на триглицериди и холестерол. Го штитат нервниот систем и го спречуваат стресот, а имаат и антиканцерогени ефекти, особено кога станува збор за карцином на дебелото црево.
Вишната е едно од ретките овошни видови што содржат хормон мелатонин. Тоа е природен хормон кој го регулира спиењето. Нашето тело го излачува после 21 часот, така што секој што има проблем со несоница може да го реши проблемот со чаша сок од вишни.
Го намалуваат ризикот од инфаркт. Вишните ја спречуваат оксидацијата на штетниот LDL холестерол кој ги оштетува ѕидовите на крвните садови. За да имате здраво срце треба често да јадете вишни.
Содржат кумарин кој помага да се намали склоноста на крвта кон згрутчување. Со тоа се намалува ризикот од тромбоза. Влијаат на намалување на атеросклероза, обезбедуваат здрави крвни садови и штитат од мозочен удар.
Го подобруваат видот, бидејќи поволно делуваат на клетките на окото.
Редовната конзумација на вишни го намалува ризикот од дијабетис. Луѓето кои веќе имаат дијабетс треба да јадат ограничени количини на вишни, бидејќи содржат многу шеќер, многу повеќе од црешите.
Помагаат при проблеми со бубрезите, спречуваат воспаление, го поддржуваат варењето на храната, работата на органите за варење, а помагаат и при губење на тежината.
Мажите кои сакаат потомство треба често да јадат вишни. Антиоксидантите и витамините, особено витаминот Ц, кој во избилство го има во вишните, го подобруваат квалитетот на спермата.
Богати се со железо, па ако сте слабокрвни трба да ја додадете вишната во исхраната.
Корисните својства на вишните не се губат по вообичаениот процес на преработа, така што и смрзнатите и конзервираните вишни имаат антиоксидантна вредност.