Кога нема вишни, може и со јагоди

Нашата омилена јунска торта со вишни, овојпат ја направивме со јагоди бидејќи вишните не се баш дозреани. И онака со што и да е направена ние ја викаме: 'тортата со вишни'.

0
235

Во секое семејство постои некоја традиционална торта која се прави за некој повод или во одредени сезони.

Кај нас дома, омилена летна торта е тортата со вишни. Секоја година, во првата половина на јуни, мајка ми ја правеше, а ја снемуваше уште истиот ден, максимум,  ќе останеше некогаш по некое помало парче за изутрина.

Иако ми е омилена, никогаш не запишав како ја прави. Нели, што има да запишувам кога е тука мајка ми, а она можеше да ја направи и со затворени очи.

Колку е убаво кога имате некој кому можете да му кажете: Уф, ми се јаде торта со вишни, одамна не сме јаделе’, а тој веднаш тргнува во акција.

Последните години, откако се разболе од Алцхајмер, мајка ми не ја правеше веќе тортата со вишни, не правеше ништо, едноставно заборави. Освен еднаш, кога во терапевтски цели, ѝ дадовме материјал за пита. Малку ја потсетувавме што би требало да додаде уште малку, ама ја направи. Беше тоа вистинскиот вкус, баш оној на нејзината пита. Иако многу се измори, се чувствуваше добро, како царица во кујната, речиси како порано.

Да се вратиме на тортата со вишни, овојпат, со јагоди, бидејќи вишните не се баш дозреани. И онака ние со што и да е направена ја викаме: ‘тортата со вишни’.

Состојки:

За пандишпан:

6 јајца

6 рамни лажици шеќер

6 лажици брашно

1 прашок за пециво

За кремот:

750 мл млеко + 50 мл за разматување на брашното и густинот

2 рамни лажици брашно

2 лажици густин

200 г шеќер

250 г омекнат путер

1 ванилин шеќер

За украсување:

1 кг јагоди (вишни, малини, рибизли…)

Приготвување:

Изматете ги белките во цврст снег. А потоа полека додавајте го брашното помешано со прашокот за пециво.

Во друг сад изматете ги жолчките со шеќерот во густа смеса. На крајот, соединете ги полека смесите и ставете да се пече во подмачкан и набрашнет калап за торта. Можете да ставите и хартија за печење, а и не мора.

Печете го пандишпанот околу 30 минути во загреана рерна на 180 степени. Ако не е уште печена, продолжете го времето за уште 5-10 минути, во зависност од вашата рерна.

За кремот, ставете ги млекото и шеќерот во тенџере на тивок оган и почекајте да зоврие, а потоа полека, додавајте ги брашното и густинот кои претходно ќе ги разматите во малку ладно млеко. Постојано мешајте со рачна мешалка.

Кога кремот ќе се згусне, тргнете го тенџерето од ринглата и оставете го да се олади.

Кога е кремот изладен, не треба да е сосема изладен, доволно е да не е жежок, додадете го изматениот путер со ванилин шеќер. Измешајте убаво со миксер за да нема грутчиња.

Пандишпанот, откако ќе се олади исечете го полека на два дела, како и за секоја друга торта.

Намачкајте ја едната половина со крем, наредете густо од овошјето, па ставете го вториот дел од тестото и премачкајте го со останатиот дел од кремот. Наредете ги одозгора останатите јагоди, вишни или што и да имате од шумски плодови и ставете ја тортата во фрижидер. Најдобро е да се прави навечер и да се јаде следниот ден.