Слатко од јагоди? Да, благодарам

Не е баш здраво со оглед на количината на шеќер што се става, ама затоа и се вика СЛАТКО, нели?

0
235

Не е здраво да се јаде слатко, ама многу беше убав оној адет од порано, кога се одеше на гости, а таму со кафето ќе ве послужеа и со едно лажиче слатко.

Можеби уште ви се наоѓаат по дома оние минијатурни чиничиња кои собираа само едно лажиче, токму толку колку што може да си дозволиме да изедеме со оглед на тоа што секое слатко е баш многу слатко.

Еве го нашиот рецепт за слатко од јагоди.

Состојки:

2 кг и 200-300 г јагоди

2 кг шеќер (обично ставаат 1 кг шеќер на 1 кг јагоди, ама ние имавме малку повеќе јагоди, 200-300 грама, и останавме на 2 килограми шеќер)

сок од 3-4 лимони (по вкус)

Приготвување:

Измијте ги убаво и исчистете ги свежите јагоди, а потоа ставете ги во тенџерето во кое ќе го варите слаткото и прелијте ги со сокот од лимон.

Протресете го тенџерето за да се натопат во сокот, а потоа ставете го шеќерот. Ставете го тенџерето во фрижидер и оставете го преку ноќ.

Следното утро ставете го тенџерето на шпорет и вклучете ја ринглата на најјако. За време на готвењето, вадете ја внимателно пената, но не мешајте. Варете околу 1 час. За тоа време загрејте ги теглите во рерна на 130 степени.

Наполнете ги топлите тегли со топлото слатко и оставете ги во рерната додека сосема не се изладат. Потоа загрејте ги малку капаците и убаво затворете ги теглите со слатко.

И кога ќе ви дојдат гости, потсетете ги на минатото, послужете ги со кафе и со слатко од јагоди.

Ако ги изедете јагодите и ви остане сирупот од слаткото, можете да го искористите во колачи или за да ја заблажите лимонадата.