Консумирањето на овошје и зеленчук, без разлика дали е третирано или не, секако е подобро отколку да не се консумира. Честопати ќе слушнете дека родителите на децата со задоволство им даваат на своите деца индустриски производи како што се чипс и крекери за ужина, под изговор дека „и онака е сè третирано и прскано и дека и онака повеќе нема здрава храна“. Иако е ова делумно точно, потребно е само малку труд за да најдеме добавувачи на кои им веруваме, па храната што им ја даваме на децата да биде колку толку квалитетна.
Органската храна е обично околу трипати поскапа од онаа што се продава како неорганска. Без да коментираме за квалитетот на органската храна, ви донесуваме 9 намирници кои сигурно не мора да ги купувате во оваа „поскапа“ варијанта.
Според американската непрофитна организација која еднаш годишно објавува список на најмалку третирана храна (Работна група за животна средина – EWG), дојдовме до следниот список:
Авокадо
Го има и на двата списоци. Речиси воопшто не се третира и е многу здраво, а ако го згмечите и го измешате со големо чешне лук, малку сол и сок од лимон и ќе добиете вкусен намаз.
Ананас
Повеќе од 90% од испитаните примероци немале траги од пестициди. Ако не сакате да го јадете како овошна ужина, пробајте го во салата со краставица – исечете ги ананасот и краставицата на коцки и додадете маслиново масло, сок од лимон, сол и ситно сечкан магдонос.
Кромид
Дефинитивно зеленчук што најчесто се користи кај нас (заедно со компирите). Сега барем знаете дека не мора да купувате органски бидејќи помалку од 10% од тестираните примероци содржеле пестициди.
Шпаргли
Иако се скапи и не се користат толку често во нашата земја, шпарглите се исклучително хранливи и вкусни. Доволно е кратко да ги испечете на грил тава, да додадете сол и прелив од лук и маслиново масло.
Модар патлиџан
Мусаката од модри патлиџани, со сос од домати и пармезан одозгора е вистинска рапсодија на вкусови. Дајте им шанса бидејќи повеќето од оние што ќе ги купите ќе бидат целосно без пестициди.
Брокула
Добро, сигурно не ви е омилена, но, дали знаевте дека можете да ја јадете без термичка обработка? Рецептот што сигурно ќе го подготвите повторно откако ќе го пробате е салата од брокула и праз. Потребна ви е една поголема брокула и праз, ситно исечкани, една рака сончоглед и исто толку брусница, со сок од лимон, малку пржена сланина и прелив од мајонез и павлака.
Зелка
Зајчето знае што е добро.
Киви
Сега е сезона на јагоди, но не претерувајте. Понекогаш изберете и киви затоа што многу помалку се третира.
Диња
Вкусно, хранливо и извор на здрав шеќер.
Фото: Unsplash