Нутриционистката Шакунтала Хараксинг Тилстед (71), која вовела иновативни начини на одгледување риби богати со микроелементи и масни киселини и помогнала во нивната примена во земјите во развој, е добитничка на Светската награда за храна за 2021.
Тилстед, која пораснала на карипскиот остров Тринидад, а подоцна станала и државјанка на Данска, ја примила наградата како признание за нејзините достигнувања во воспоставувањето системи на исхрана базирани на риби, што ги подобриле исхраната, здравјето и егзистенцијата на милиони луѓе ширум светот.
„Д-р Тилстед открила како овие мали риби богати со хранливи материи можат да се одгледуваат локално и ефтино“, рекол американскиот државен секретар Ентони Блинкен во снимената изјава емитувана на објавувањето на победниците.
Тилстед започнала истражување во Бангладеш во 80-тите години на минатиот век, откако разговарала со локалните жени кои ѝ кажале дека јадат различни локални мали видови риби, што ги прави посилни.
„Бев во можност да го проценам нутритивниот состав на овие мали видови риби и сфатив дека тие се исклучително богати со повеќе микроелементи, витамини и минерали и што е најважно дека формите во кои се наоѓаат се многу достапни и лесно се апсорбираат од човечкиот организам“, изјавила таа.
Светската награда за храна е востановена од добитникот на Нобеловата награда за мир, Норман Борлауг во 1986. година за да им оддаде почит на научниците и другите кои го подобриле квалитетот и достапноста на храната.
Наградата изнесува 250.000 американски долари.
Фото: Pixabay