Шведско кафе со сирово јајце: деликатес што се пие со уживање

Ако додадете сирово јајце во утринското кафе, ќе го добиете највкусниот утрински пијалок што го уживаат вистинските љубители на кафе. Барем така велат...уште не сме пробале

0
152

Кога станува збор за совршен вкус на кафе, врвните експерти тврдат дека е потребно да се постигне таква рамнотежа што не ја нагласува природната горчина или киселоста на кафето. Тој вкус е тешко да се постигне, но постои еден интригантен начин на правење кафе со сирово јајце што може да ви помогне да го достигнете посакуваниот идеал.

Што е тоа „шведско кафе со сирово јајце“ и како се подготвува, е објаснето на веб-страницата Huffpost.com.

Што е кафе со јајце?

Шведското кафе со јајце се подготвува такашто се крши едно јајце и заедно со лушпата се меша и се вари со зрната кафе. Јајцето ќе ги преземе на себе нечистотиите од кафето, давајќи ви ги најдобриот вкус и арома што некогаш сте ги пробале. Причината за ова е што белката од јајцето ги врзува за себе нечистотиите од течноста што се вари.

Од каде потекнува кафето со јајца?

Познавачите на кафе овој пијалок го нарекуваат „шведско кафе со јајце“ или „скандинавско кафе со јајце“. Дали ова значи дека овој начин на правење кафе потекнува од Шведска, Норвешка или Данска?

Одговорот е и да, и не. Данскиот експерт за кафе Асер Кристенсен, автор на блогот „The Coffee Chronicler“, изјавил за Huffpost: „Она што Американците го нарекуваат скандинавско кафе со јајце е денес практично непознато во Данска, Шведска или Норвешка. Никаде во регионот не сум видел да се пие кафе на овој начин“.

Сепак, Кристенсен верува дека кафето со јајце се пиело во Америка во 19 век за време на големиот бран на вселување на Скандинавците. „Кафето има долга историја во Скандинавија и сигурно неколку необични состојки се користеле низ вековите за да се исчисти кафето од нечистотии“, истакнува тој.

Во текот на 1880-тите, кафето било скапо, па луѓето често користеле веќе претходно проварени зрна кафе. Поради тоа напитокот изгледал заматено, а вкусот во устата бил зрнест. Во тоа време, немало софистицирани методи за филтрирање на кафе, па затоа во кафето се додавале намирници богати со протеини (на пример, јајца, кожи од риби или рогови) за да се исфилтрираат нечистотиите. Идејата за ставање јајца во кафето најверојатно ја донеле во Америка некои од скандинавските имигранти. Но, денес е поточно да се каже дека станува збор за „кафе од Средниот запад“ бидејќи само во таа американска област се подготвува кафе на овој начин“, вели Кристенсен.

Освен во Средниот запад на Америка, во кафето се додава јајце и во други делови на светот, како што е Виетнам, кадешто се пие пијалок наречен cà phê trung, а се состои од шолја кафе со кондензирано млеко изматено со сирова жолчка од јајце за да се создаде слатка кремаста пена.

Што му прави јајцето на кафето?

Може ли јајцето навистина да влијае на вкусот и квалитетот на кафето? Според многу познавачи на кафе, одговорот е да. Паркер Расел, сопственик на компанијата за снабдување со кафе Black Ink Coffee, истакнува дека поентата на ставањето јајца во кафето е за да се подобри аромата на кафето. „Јајцето ја отстранува горчината и киселоста што го придружуваат слабо печеното кафе“, посочува тој, додавајќи: „Белката на јајцето функционира такашто ги отстранува нечистотиите од кафето и со тоа прави подобар, рафиниран вкус на кафето“.

Што се однесува до дејството на лушпата од јајцето, експертот за кафе и блогер Шабир Норудин, сопственик на страницата „Coffee In My Veins“, забележува дека „лушпата од јајцето ги неутрализира киселините од кафето намалувајќи ја острината и интензитетот на вкусот. Резултатот е повкусно кафе кое е полесно за стомакот, особено за оние кои имаат проблеми со варењето. Ако додадете само жолчка и белка од јајце во кафето, ќе добиете кремаста пенлива текстура, но вкусот сепак ќе биде малку покисел. Киселото кафе не е лошо само по себе – сето тоа е прашање на личен вкус! “

Дали кафето со јајце е безбедно да се пие?

Некои можеби се интересираат за тоа колку е безбедна употребата на сирово јајце во кафето за нашето здравје. Џенилин Хачингс, овластен експерт за безбедност на храна, предупредува дека поради начинот на готвење на кафето, нема гаранција дека јајцето ќе биде безбедно од салмонела.

„Водата наменета за подготовка на кафе често не ја достигнува точката на вриење за време на подготовката, такашто јајцето не е доволно термички обработено во овој процес“, забележува таа. „Кога користите јајца што се готват само делумно, ризикот од инфекција со салмонела се зголемува“.

Но, од друга страна, некои истражувања покажале дека зрната кафе имаат одредени антибактериски својства. Една студија од 2011. година открила дека кафето „активно го забавува растот на бактерии во лесно расипливата храна“. Мора да се признае дека кафето што го користеле научниците во експериментот не било толку ефикасно во спречувањето на салмонела, како што се некои други бактерии кои предизвикуваат труење со храна.

За да го направите пиењето кафе побезбедно, Џенилин препорачува употреба на пастеризирани јајца. Процесот на пастеризација (термичка обработка на јајца на 65 степени Целзиусови) ќе го намали бројот на бактерии како салмонела на безбедно ниво, што ќе ги намали шансите да се заразите со оваа бактерија.

Рецепт за вистинските љубители на кафе: Скандинавско кафе со јајце

Конечно, ви го пренесуваме рецептот на британскиот љубител на кафе Том Саксон, кој им ја дал следнава препорака на читателите на Хафпост: „Со додавање на јајце во кафето, нема да добиете пијалок со повеќе кофеин. Но, бидејќи јајцето ја елиминира горчината на кафето, ќе можете да го готвите подолго и на тој начин да извлечете повеќе кофеин од зрната кафе“.

Состојки (за едно сервирање):

3 кафени лажички грубо мелено кафе
Околу 3 дцл вода
1 јајце (жолчка, белка и лушпа)
Околу 1/2 дцл ладна вода

Приготвување:

Ставете 3 дцл вода во големо ѓезве за кафе, загревајте ја на средна топлина.
Во одделна шолја ставете го меленото кафе, скршете го јајцето и измешајте го заедно со лушпата со зрнцата кафе во шолјата.
Оставете ја смесата од кафе и јајце да отстои во шолјата 30 секунди. Овој краток период ќе ослободи СО2 од кафето и ќе ја извлече горчината со него.
Кога водата ќе зоврие на ринглата, додадете ги кафето и јајцето од шолјата и намалете го огнот. Оставете да врие 4 минути. Но, може да биде и пократко, сето тоа зависи од вашиот вкус и видот на кафето што го користите.
Изгаснете ја ринглата. Кафето нека стои една минута.
Истурете ладна вода во кафето. Ова ќе предизвика зрната кафе и лушпата од јајца да потонат на дното од садот. Ако лушпата не потоне, додадете повеќе ладна вода или користете лажичка со дупчња со која ќе ја соберете лушпата од јајцето.
Процедете го кафето со цедилка и претурете го во шолја.
Уживајте во богатата арома и вкус!

Фото: Unsplash