Време е за мечкин лук

Време е за берба на мечкин или, како што уште се нарекува, див лук, билка која ќе ја препознаете по интензивниот мирис на лук, а можете да го најдете ако прошетате периодов во природа.

0
503

Велат дека ниту една друга билка на светот не е толку делотворна во чистењето на цревата, желудникот и крвта како дивиот лук.

Има голема лековита моќ и е омилена храна на мечките кога ќе се разбудат од зимскиот сон, па затоа е и позната и под името мечкин лук.

Ако периодов шетате некаде во природа, не би требало да згрешите, но сепак бидете внимателни затоа што има билки кои ѝ наликуваат, а се исклучително отровни. Ќе ја препознаете по интензивниот мирис на „лук“, па не го заобиколувајте затоа што е силен природен антибиотик кој изобилува со витамин Ц, сулфурни соединенија и бројни други лековити состојки.

Многумина му даваат предност во однос на лукот, поради три причини: самоникнато е, не е третирано со пестициди и полековито е од лукот, се наведува во литературата за народна медицина. Дивиот лук содржи алицин, етерични масла, алисулфиди и полисахариди, а од вкусните млади изданоци можете да направите салати, крем-супи, песто, ароматично масло, тинктури и слично, содржат 20 до 50 мг витамин Ц и каротен. Содржат и вредни минерални соли.

Младите листови од оваа билка се берат на пролет и можете да ги консумирате свежи. Немојте да ги сушите затоа што така ќе изгубат доста лековити својства.

Можете ситно да ги насечкате и да ги поросите врз леб со путер, или пак да го наросите врз претходно сварената супа, компир или слично, за да го подобрите вкусот.

Тој е одличен природен лек кој го подобрува помнењето, помага при респираторни тегоби, спречува болести на срцето и крвните жили. Помага и кај несоница и вртоглавица, остеопороза и артритис. Штити и од инфаркт и го јакне срцето.

Мечкиниот лук напролет е најефикасен, тој е совршен чистач на крвта, жолчката и црниот дроб од токсините што се насобрале во организмот во текот на зимата.

За да подготвите песто од див лук потребни ви се два врзопа див лук, 100 милилитри маслиново масло, ореви, пињоли или кикирики, црн пипер, пармезан и сол. Сите состојки се ставаат во блендер и се блендираат додека да се добие саканата структура.