Вистински пролетен и брз спанаќ со јајца

Ако постите, скокнете ги јајцата, иако токму тие го прават овој ручек совршен. Или пак почекајте уште некој ден и за Велигден направете си ваков брз, лесен, хранлив и здрав ручек

0
557

Ако најдете јунак што ќе ви го измие спанаќот онака убаво и темелно, лист по лист, тогаш навистина нема да ви треба многу време за да го направите ручекот, особено ако го правите како нас.

Попарете го спанаќот со зовриена вода колку да омекне и да се намали волуменот, значи, без да го варите. Исечкајте го. Исечкајте по едно или две (во зависност од големината) младо кромидче и младо лукче, измијте една шолјичка ориз и ставете сѐ во тава. Ставете масло, сол, црн пипер и три шолјички вода, убаво измешајте и ставете ја тавата во загреана рерна. Кога оризот ќе биде речиси готов, а тоа ќе биде многу брзо, за 15-тина минути, скршете ги одозгора јајцата, додадете и малку диво оригано, допечете уште 5 минути и уживајте.