Прво, за овој колач мора да ви кажеме дека се прави многу брзо и лесно, но ако немате соодветен блендер, онака поголем и појак, нема да биде ниту брзо, ниту лесно. Ама ако сакате нешто слатко, без шеќер, без јајца, без брашно и со многу здрави состојки, вреди да потрошите и малку повеќе време.
Бидејќи не може да не ви се погоди, не се плашете да почнете да го правите само затоа што ги немаме точните количини на сите употребени состојки. Можете да си го направите по свој вкус, со тоа што од оние состојки кои служат за згуснување на смесата, за да може да се обликува, ќе додавате по потреба. Станува збор за трошките од кокос и за овесните снегулки.
Значи вака, за колачот ние ги употребивме следните состојки:
200 г сирови индиски оревчиња (потопени во вода барем 3 часа, па смелени)
50 г ореви (смелени или полусмелени)
100 г семки од сончоглед и од тиква (ставивме отприлика, можете да ставите и повеќе од 100 грама, и да ги смелите)
2 лажици мелено ленено семе
1 голема шолја полна со излупени свежи урми (претходно ќе ги потопите малку во вода за да се излупат полесно и ќе ги извадите семките)
1/2 шолја суви смокви (потопени кратко во вода)
2 големи лажици чиа семе потопени во вода
2 големи лажици какао во прав плус 1 лажица за поросување
100 г кокосови трошки
Ситни овесни снегулки по потреба, додека не се згусне смесата доволно за да може да се обликува.
Малини
Приготвување:
Ако имате голем блендер, тогаш оди многу лесно и брзо, ако имате мал блендер, ќе морате да блендирате дел по дел и да истурате се во еден сад во кој на крајот ќе ги измешате сите состојки, освен малините. Кога ги мелете индиските оревчиња и семките додавајте по малку вода за да добиете кремаста смеса.
Врз хартија за печење поросете какао во прав, ставете половина од смесата и обликувајте ја во форма на ролат. Одозгора наредете отприлика 1 рака малини (или колку што е потребно за да има во секое парче од колачот кога ќе се исече), па врз нив ставете го остатокот од смесата, измазнете и завиткајте го заедно со хартијата како ролат. Ставете го во замрзнувач 1 до 2 часа, а потоа извадете и сечете го внимателно со мокар остар нож.