Чоколадни мафини со маџун

Овие мафини ги направивме инспирирани од чоколадните мафини со цвекло на нашата пријателка од блогот „Ситно сецкано“, со тоа што наместо шеќер, користевме маџун, а наместо цвекло, остатоците од правењето сок во соковник

0
142

Првичната идеја за овие чоколадни мафини ја добивме од нашата пријателка Бојана од првиот македонски блог за храна „Ситно сецкано“, која го објави рецептот на својот Инстаграм профил.

Ние ги модифициравме и за да ги искористиме остатоците од сокот од цвекло, јаболки и моркови што го правевме во соковникот, наместо свежо рендано или печено цвекло, ставивме од остатоците, но гледавме поголемиот дел да бидат остатоците од цвекло. Наместо шеќер, ставивме маџун, а за да бидат посни, наместо кефир, ставивме кисела вода.

Да, и бидејќи немавме ржано брашно, ниту пак интегрално, употребивме само грахам.

Состојки:

3 полни лажици мелено ленено семе помешано со 10 лажици вода
1 полна шолја од остатоците од правењето сок во соковникот

1/4 шолја кисела вода

1/2 шолја маџун + 1 лажица кафеав шеќер, ако сакате да бидат малку поблаги

1 ванилин шеќер
1 1/2 лажиче сода бикарбона
1/4 шолја сончогледово масло
1/2 шолја какао во прав
Малку помалку од 1 ипол шолја грахам брашно (ако имате, направете ја верзијата со 1 шолја интегрално плус 1/3 шолја ‘ржано брашно)
една рака чоколатца (од оние за колачи со 60% какао)

Приготвување:

Лененото семе треба да отстои 5-10 минути во вода. Потоа изматете го со другите состојки, додадете ги чоколатцата и ставете го тестото во подмачкано тавче за мафини. Ние ги подмачкавме калапчињата со кокосово масло. Тестото излезе малку погусто, ама меко и убаво се обликуваше во калапите на тавата за мафини.

Печете ги мафините околу 20-25 минути, во рерна загреана на 190°C.

Поросете ги ако сакате со малку шеќер во прав.