Реупотреба и свесни навики за пазарење, наместо конзумеризам и полни кеси отпад

„Го знаете она: ‘Ова е само една пластична кеса’, рекоа 8 милиони луѓе во светот?! Знам дека нема да биде лесна транзицијата, но од некаде мора да се почне, а секој треба да почне од себеси. Дури тогаш, секој поединец ќе стане свесен дека требало да почнеме вчера“, го објаснува мотивот за својата идеја „Skopje goes Zero Waste” која се најде меѓу победниците на натпреварот на програмата RISE во организација на „АРНО“, нашата соговорничка Марија Арсоска.

0
431

Mарија Арсоска е дипломиран професор по германски јазик и книжевност, магистрирала на катедрата за менаџмент по човечки ресурси. За неа слушнавме откако нејзината идеја „Skopje goes Zero Waste”, за социјален бизнис, продавница за продажба на продукти од мали домашни производители, без или со реупотребливо пакување, во рамки на која ќе бидат ангажирани пензионери или лица кои се технолошки вишок, се најде меѓу победничките идеи од првата генерација на програмата RISE за социјални претприемачи која се одржа деновиве во организација на здружението за социјални иновации „АРНО“.

„Долго време бев активна во невладиниот сектор, работев со невладина организација која ми овозможи да стекнам огромно искуство во целиот проектен циклус, од пишување апликации до координација на проектни активности. Така се запознав со концептот на социјално претприемништво и тоа стана мојата втора огромна пасија. Повикот на АРНО за програмата RISE Journey го видов на социјалните мрежи и во истиот момент знаев дека тоа е патот за реализација на мојата идеја за социјален и зелен бизнис.

Можам да кажам дека долго време ме засегаат прашањата поврзани со нашиот отпечаток на земјата, безрезервното трошење на земјините ресурси и загадувањето. Долго време сметав дека рециклирањето е решението на сите наши проблеми, сè додека не започна периодот на карантин поради корона вирусот. Тогаш почнав да забележувам колкаво количество на отпад произведуваме само јас и мојот партнер. Ме заинтересира и содржината на отпадот која ја правиме. Исто така почнав да се прашувам, зошто при секое купување на шампон за коса, гел за туширање, детергент за машина за перење, мора да ја купиме и пластиката во која истите доаѓаат. Си мислев дека би било совршено да имаме место во кое ќе можеме да ги користиме старите пакувања и да го купиме само продуктот. Станувајќи свесна за ова, почнав да истражувам за алтернативи во светот кои помагаат за намалување на количината на отпад. Така наидов на многу продавници со нула отпад, но и на ‘мајката’ на движењето за нула отпад (zero waste ), Беа Џонсон.  Бев импресионирана. Не можев да верувам дека Беа и нејзиното семејство го имаат доведено своето секојдневно функционирање до совршенство и дека отпадот кој го продуцираат од една цела година, може да го собере во обична тегла. Почнав да го мерам нашиот отпад. Знаев дека е многу, но дека двajца луѓе за 10 дена произведуваат 10 пластични ќеси, не бев свесна. Тоа е навистина, премногу.

Исто така бев импресионирана од фактот дека Беа Џонсон била и во Македонија пред неколку години на промоција на нејзиниот бестселер „Дом без ѓубре“, преведен на македонски јазик. Целата оваа иницијатива беше покрената од активистката Андријана Папиќ Манчева, која е авторка на блогот ‘Од нула до нула’. Тогаш сфатив дека ова движење има моќна поента и дека ова е начинот на кој јас сакам да живеам. Така се роди мојата пасија за нула отпад и мојата најголема желба, во Скопје да постои место кадешто луѓето ќе можат да се едуцираат, да пазарат свесно, да се запознаат со овие вредности и да го намалат количеството на отпад кое го продуцираат секојдневно.

Особено ме радува тоа што концептот на нула отпад не е само концепт на продавање на продукти на мерење, односно без амбалажа. Тоа е една цела филозофија која се живее секој ден. Филозофија која е целосна спротивност на моменталните конзумеристички струи.

Нашата цел е да едуцираме и да креваме свесност, пред да продаваме. Да поддржуваме реупотреба, поправање и редуцирање на сè она без кое што можеме. Да стимулираме свесни навики за пазарење. Нашата најголема вредност е тоа што ќе бидеме социјално претпријатие. Претпријатие кое ќе генерира профит, но исто така има и силна социјална мисија. Ние ќе соработуваме со локални произведувачи, ќе ја јакнеме локалната економија, ќе стимулираме циркуларност, но и ќе ангажираме постари лица кои се долго време невработени. Тука мислам на пензионери или лица кои немаат редовен работен ангажман“, објаснува нашата согоорничка Марија.

На прашањето дали знае дека порано нашите родители, баби и дедоци пазареле во платнени торби, дека кисело млеко се продавало на мерење, во домашни садови и дека, воопшто, во минатото, 50-тите, 60-тите, па и 70-тите години од 20 век, веќе сме го имале она што денеска сакаме да го направиме како прв чекор од приказната за нула отпад, таа вели:

„Токму така, се сеќавам дека пакувањето од паштета се користеше како држач за сунѓер за чинии и дека тетрапак пакувањето беше кујнска корпа за отпад. Всушност, тоа е убавината на ова движење, што нè враќа назад на вредностите и убавините во кои живееле нашите предци. Токму затоа сакаме да соработуваме со постари лица затоа што силно веруваме дека нивните способности ни се особено важни за пренесување на идните генерации. Мал дел од моите врсници можат да се пофалат дека знаат да си зашијат чорапи, да си сплетат капи, да поправат нешто во домот. Овие способности би сакала да ги пренесуваме на идните генерации. Со тоа ќе го цениме трудот и знаењето на постарите, а во исто време ќе го зајакнеме опсегот на нашето делување.

Живееме во време во кое сè што ќе посакаме ни е на дофат, живееме во изобилие. Но ресурсите на земјината површина се трошат секој ден и не се бесконечни. Ќе дојдеме во период кога ова изобилие нема да ни е повеќе достапно. Ќе мора да научиме да живееме со помалку. Таквите општества се нарекуваат ‘отпорни заедници’. И тоа се тие заедници кои ќе можат да опстојуваат понатаму. Точно е дека новите изуми ни го прават животот значително полесен, особено пластиката и сите нејзини видови. Кога пластиката била откриена, на луѓето толку им се олеснил секојдневниот живот што не било нималку важно како таа ќе влијае врз околината. Денес, кога сите информации се на само еден клик од нас, веќе стануваме сè посвесни за тоа како нашиот отпечаток влијае врз климатските промени и загадувањето. Денес веќе треба да нè засега дали пластиката која ја користиме е штетна за нашата околина или не.

Јас избирам да се грижам за животната средина. Мојот отпечаток е можеби само една капка во океанот, но сум и силно уверена дека доколку на луѓето им е достапна соодветна алтернатива, дека тие ќе ја вреднуваат.

Го знаете она: ‘Ова е само една пластична ќеса’, рекоа 8 милиони луѓе во светот.

Јас знам дека нема да биде лесна транзицијата, но од некаде мора да се почне. Секој треба да почне од себеси. Дури тогаш, секој поединец ќе стане свесен дека требало да почнеме вчера“, вели Марија.

Таа е свесна дека самиот концепт на нула отпад звучи многу недостижно за луѓето и дека нивната прва реакција е одбивна.

‘Е нема шанси значи, што е ова, што треба јас сега, да не живеам?’ Ова биле најчестите коментари на нејзините блиски. Но не ја обесхрабриле. Напротив, почнала да гледа промени и во нивниот начин на живот. Некои веќе пазаруваат со свои торби, некои внимаваат да не користат пластика, а некои само почнале да размислуваат.

„Тоа е и поентата. Секој на свој начин да почне да си ја менува перцепцијата и да почне да се грижи за животната средина.

Мое мото е: ‘На светот не му требаат неколку совршени екологисти. На светот му требаат милиони несовршени екологисти’.

Јас во ова движење го гледам уживањето во процесот. Радување и славење на малите победи. Да се гордееш со себе секој пат кога ќе пазариш со сопствена торба, кога ќе се напиеш вода од сопствено шише, кога ќе нарачаш кафе за носење во сопствен термос. Од друга страна пак, да не се чувствуваш лошо кога ќе заборавиш термос, а навистина ти се пие кафе. Следниот пат ќе се сетиш да го понесеш. Не треба да е сè црно-бело. Да ги славиме малите победи во денот. Да ги цениме и несовршените“, порачува таа.

Марија својата борба ја почнала со основното, со одбивање на пластичните кеси. Сега за пазарење користи платнени торби, а за овошје и зеленчук – мрежи.

„Исто така, надополнува Марија, почнав со носење на тегла со мене, секогаш кога знаев дека ќе земам кафе за носење. Теглата беше несовршен избор при нарачување на топли напитоци, па така, си купив термос за кафе. Имам метални цевки за пиење, користам хартија за печење која е реупотреблива, обвивки од пчелин восок за покривање на храна, дрвена четка за заби, метален чистач за јазик и уште неколку други алтернативи. Земајќи го предвид целото патешествие низ кое поминав за да ги најдам овие алтернативи, сакам во продавницата која ќе ја отвориме, да ги направам овие продукти достапни за луѓето.

Да повторам, на луѓето околу мене не сакам да им настојувам, секој има право да ги дознае фактите па да одлучи како ќе делува. Но, го охрабрувам и екстремно многу се радувам на секој нивен прогрес“.

За својата продавница сака прометна локација околу Центар или Карпош и веќе нотирале неколку локали кои се во потесен избор.

„Од она што нотиравме во истражувањето на пазарот е фактот дека граѓаните, особено младите, сакаат да пробуваат нови работи. Сакаат да се во тек со трендовите. Сметам дека овој концепт на пазарење на почетокот ќе им биде многу интересен. Сигурна сум дека ќе има и одбивност, како кон секое нешто кое е ново, но секогаш ќе бидеме тука за да едуцираме пред да продаваме, да го доближиме овој концепт поблиску до нив, па да оставиме самите да проценат какви одлуки ќе направат во иднина“, вели таа.

Во однос на селектирањето на отпадот смета дека на луѓето, како и за сите нови навики, им е потребно пред сѐ, да имаат едностави решенија кои ќе им бидат на дофат, во случајов, канти за селектирање на отпадот, па истото нема да им претставува проблем.

Ја прашавме и што би направила таа доколку беше градоначалник на Скопје. „Доколку имам функција на носител на одлуки, јас лично освен што би обезбедила канти за селектирање на отпадот, би се насочила и на воспоставување на градски или општински компост центри. 40% од отпадот кој го произведуваме е биоразградлив. Истиот тој отпад, кој инаку во природата би се разградил, на депониите се разградува анаеробно (во отсуство на кислород) и испушта метан, кој е 28 пати помоќен од јаглерод диоксид во однос на затоплување на земјата.

Истиот тој отпад би можел да се зема еднаш неделно од домаќинствата на најеколошки достапен начин и да се третира соодветно, ќе може да се преработи соодветно и да се компостира во совршена почва“, вели Марија.

Таа е искрена кога вели дека ја очекувала победата на нивната идеја.

„Идејата е навистина достојна за почит. Јас и мојот тим, Дејан и Теа, се посветивме максимално на целата тренинг програма и навистина сакавме целосно да ги искористиме сите можности кои ни ги понуди. Особено бевме горди и благодарни што имавме можност да учествуваме во ваков регионален проект кој нуди целосна менторска и експертска поддршка за реализација на социјални бизнис идеи. Програмата RISE Journey е всушност инкубатор за социјални претприемачи од Западен Балкан, а е поддржана од француската агенција за развој и Регионалната канцеларија за младинска соработка. Проектот кај нас беше реализиран од организацијата АРНО.

Во првата фаза ги разработувавме нашите социјални бизнис модели. На секој од тимовите му беше доделен соодветен ментор. На наша огромна благодарност, менторка ни беше токму Андријана Папиќ Манчева, која е човек кој живее по овие принципи и ни беше неверојатна инспирација. Во текот на програмата, имавме редовни тренинзи од страна на Ирина и Ивона од АРНО, кои беа совршени во пренесување на сите знаења кои ги имаат. Исто така имавме достапност од експерти во различни области со кои заедно работевме на усовршување на социјалниот бизнис модел. Наскоро одиме во следната фаза на инкубација, каде веќе ќе правиме детални планови и проекции за реализација на идејата.

Сите тимови кои учествуваа имаа извонредни идеи. Меѓу нас се чувствуваше само дух на инспирација и поддршка, во ниеден момент на конкуренција. Во тој дух, ние веќе планираме да вклучиме дел од нивните прототипи во нашата продавница. Ги охрабрувам сите поединци кои имаат идеја за социјален и зелен бизнис, да ги следат АРНО на социјалните мрежи и да аплицираат на нивните повици затоа што нема идеја која не може да биде реализирана ако навистина се има желба“, порачува Марија.

Таа им е благодарна на своите најблиски кои се и нејзини идоли и поддржувачи.

„Јас сум опкружена со идоли. Премногу сум благодарна што имам баби и дедовци од двете страни, кои се активни, полни со живот, користат Вибер и компјутер за информирање со „упатство за употреба“ напишано на ливче, но користат. Моите родители заедно со помалиот брат, ми се секојдневна инспирација и мотив да одам чекор подалеку. Тука е и мојот партнер кој ме поддржува во секоја луда идеја и кој заедно со Теа е дел од мојот тим. Неизмерно сум благодарна затоа што ја прифатија, ја живеат оваа идеја и ми помагаат да ја претвориме во реалност. Од сите нив црпам инспирација и учам нови работи секојдневно“, вели Марија со ентузијазам и желба, животот со помалку отпад да биде прифатен од што повеќе луѓе.