Пол Хотхаузен: Сакам шопска и пиперки со лук

0
1290

 

Мoжете ли првин малку поопширно да ни се претставите и да ни кажете од каде доаѓате, односно, каде можат во Холандија да се испробаат вашите специјалитети?

Роден сум во централниот дел на Холандија, Утрехт. Мојот татко беше готвач и сето негово знаење ни го пренесе нам, на неговите деца додека бевме многу мали. Често му помагав во готвењето такашто готвам и експериментирам во кујната уште од 10-годишна возраст. Во мојот живот работев како професионален готвач кратко време, меѓутоа никогаш не сметав дека тоа ќе биде моја професија. Моите интереси на професионален план се во друга област, но готвењето е моја најголема пасија и често готвам за мојата фамилија, за пријателите или за специјални настани. Во последно време готвам со мојот добар пријател Алберт со кого приготвуваме јадења за неколку места во Скопје. На пример, можете да пробате помфрит со говедско месо, типично белгиско јадење во белгиската пивница „Ла Шуф“ или свинско сате со сос од кикирики во „Јавна Соба“.

Благодарение на модерните медиуми и социјалните мрежи, денеска храната е една од омилените теми, а готвачите се познати како филмски ѕвезди чии богатства се мерат во десетици милиони долари…Што мислите за овој светски тренд?

Големо задоволство е да се види дека готвењето се претвори во активност на луѓето кои се заинтересирани да учат. Емисиите за готвење се повеќе им докажуваат на луѓето дека не е се така комплицирано и дека готвењето може да биде забавен и креативен процес. Јас верувам дека поради медиумите и социјалните мрежи се повеќе луѓе почнуваат да уживаат во готвењето. Не ви е потребна Мишелин звезда за да подготвите или да конзумирате фантастична храна. Се што ви треба е страст, креативност и добри состојки.

Што е она по што холандската кујна се разликува од другите кујни во светот, по што е специфична, кое е најпознатото холандско национално јадење?

Во Холандија, повеќето од оброците се таканаречени „one-pot-meals“. Состојки помешани во еден вкусен оброк, најчесто тоа се тешки оброци кои ве најадуваат после напорен работен ден. Добар пример е супата од сув грашок или  „Erwtensoep“. Ова е многу тешка и јака супа со сув грашок и свинско месо и се сервира како комплетен оброк. Таканаречениот „Stamppotten“, односно гмечени компири помешани со зеленчук, најчесто се сервира со ќофтиња и е исто така многу популарно јадење и најчесто се јаде во зима речиси во секој дом во Холандија.

Како се хранат Холанѓаните, какви се нивните навики, што се јаде најмногу?

Генерално, можам да кажам дека Холанѓаните имаат 3 оброци дневно. Денот започнува со едноставен појадок, леб со најпознатиот „hagelslag“ или чоколаден крем и, се разбира, кафе. Во текот на денот, најчесто имаме едноставен ручек, леб, супа или некој сличен лесен оброк. Главниот оброк е вечерата, каде што фамилијата заедно вечера и се дискутира за поминатиот ден. Генерално, навиките на Холанѓаните не се многу различни од оние на жителите во останатиот дел од Европа.

Како што е Франција позната по виното, така е Холандија позната по пивото… дали е тоа омилен пијалок на Холанѓаните кога станува збор за алкохолни пијалоци?

Погодивте, се разбира дека е пивото. За оние кои преферираат нешто појако, во Холандија можете да ги најдете сите пијалоци, но и холандската верзија на ракија, наречена Jenever или Genever. Тоа е дестилирана ракија од пченица и мешавина од локални билки за арома и најчесто ја пијат постарите.

Актуелен светски проблем е и ГМО храната…како стои Холандија на овој план, колку може да се пофали со здраво и органско производство на храна со оглед на тоа што е и еден од најголемите извозници на храна?

Не сум многу запознаен со правилата за ГМО храна, бидејќи повеќето од нив се од ЕУ, но познавам многу луѓе кои внимателно ги одбираат намирниците кои ги конзумираат. За мене можам да кажам дека користам свежи производи на кои им го знам потеклото и производителот и речиси никогаш не употребувам конзервирани производи.

На менито во Јавна соба е и зајачкото месо, дали знаете дека ова месо, според нашиот најпознат кардиохирург е најздравото месо? Дали во Холандија е тоа често на менито или можеби сепак приматот го има свежата риба?

Холандија излегува на море, такашто, да, сакаме да јадеме риба, но не толку нагласено. Сакаме да јадеме и месо, но сурови пржени филети се секогаш задоволство за јадење. Зајак, срна или фазан најчесто се подготвуваат во зимскиот период, особено деновите околу Божиќ, кога оброците се пообемни и полуксузни.

Кој е омилениот десерт на Холанѓаните?

Во Холандија се јаде многу пудинг, но добра пита од јаболки со кафе е исто така одличен холандски десерт.

Ова не е ваше прво доаѓање во Македонија, па веројатно досега веќе се запознавте со македонската кујна…што ви се допаѓа најмногу од она што досега сте имале можност да го пробате?

Многу ми се допаѓаат македонските салати. Омилена ми е шопска салата во лето, печени пиперки со лук и кромид, исто така. Не сум многу љубител на скара, но ако треба да изберам, тоа е џигер на скара.

Разговараше: Драгица Христова

На холандската вечер во „Јавна соба“ беа сервирани холандска супа од зеленчук со телешко месо и крцкава сланина, салата од цикорија, порција зајак со традиционално пире од четири зеленчуци, пита од јаболка и  божиќни круши во сос од вино.