Дајконот или како што уште го нарекуваат – јапонска трупка, е многу здрав и лековит зеленчук, кој за жал, кај нас ретко се наоѓа на трпезите. Сепак, дел е од вегетаријанската и макробиотската исхрана.
Дајконот има мала енергентска вредност, 100 грама дајкон има 18 калории, но содржи многу различни витамини, минерали, ензими и други корисни нутритиенти. Освен коренот, се користат и младите листови на дајконот, кои се богати со витамин Ц, бета-каротин, калциум, калиум, железо. Содржи многу фруктоза, скробни состојки, пектин и целулоза, кои го потпомагаат варењето на храната, па затоа често им се препорачува на лицата кои имаат проблеми со варењето.
Од минерали содржи калиум и калциум, а е богат извор и на витамин Ц (обезбедува 34% од дневната препорачана доза на овој витамин). Богат е со гликозиди и специфични материи со бактерицидно дејство. Коренот се јаде сиров во вид на салата или термички обработен на разни начини (кратко пржење со малку масло). Сепак, најдобро е да се јаде свеж како салата, зачинета со лимон и маслиново масло. Свежиот изрендан дајкон помага при варењето на масната храна, ги прочистува крвните садови, го намалува ризикот од атеросклероза, срцев и мозочен удар. Поради присуството на железо и витамин Ц, дајконот е многу корисен и во лекувањето на анемијата. Поради богатството на витамини, минерали, ензими и други антиоксиданси, дајконот има и антиканцерогено дејство и е одличен за исфрлање на токсините од организмот т.е. за детоксикација на организмот. Имено, дајконот се смета за идеална намирница за чистење на организмот бидејќи е богат со растителни влакна и ензими кои го стимулираат варењето, разградувањето на мастите и ги отстрануваат токсините.
Во народната медицина дајконот се користи како природен лек кај пациентите со дијабет, па дури може да го намали и ризикот од појавување на оваа хронична болест. Исто така, може да раствори и одредени врсти на камчиња во жолчната кеса, како и ротквицата и ренот. Бидејќи не ги апсорбира тешките метали, дајконот може да се одгледува и на загадено земјиште.
Дајконот е природна помош против вишокот тежина и целулит, за стимулирање на бубрезите и жолчката и за балансирање на шеќерот во крвта.
Како да го употребувате?
Малку свежо рендан дајкон со неколку капки лимон е одличен прилог за пржени јадења затоа што го олеснува варењето на маснотиите. Свежо ренданиот дајкон оди добро со сос од соја.
Друг одличен начин да се јаде е да се исечка на коцки и да се пржи неколку минути во лук, масло и ѓумбир. Додадете ориз, соја сос и масло од сусам.
Дајконот се додава во супи, а во салатите оди добро со други видови зеленчук; тој е одличен додаток со риба, месо и цели житарки.
Можете да го готвите дајконот одделно или на јапонски начин, додавајќи малку ориз за да ја задржи неговата карактеристична бела боја.
Коренот се користи и исушен при подготовка на оброци, а може и да се кисели и да се готви со грав.
Лесен е за чување – ќе трае неколку месеци на суво место без да се расипе.
Листовите од Дајкон, кои најчесто се користат за лековити препарати, исто така може да се додадат во јадења, особено во салати.
Фото: Freepik