Сè повеќе луѓе се вртат кон вегетаријанството поради штетното влијание што го има индустриското производство на месо врз животната средина.
Вегетаријанството како систем на исхрана е познато уште од дамнина, а првите случаи на свесно откажување од месо биле поврзани со верската практика на ненасилство во Индија. Дури и денес, околу една третина од Индијците воопшто не јадат месо. Но, ниту на Запад, вегетаријанството не е нов концепт. Првпат во Европа го пропагирал грчкиот филозоф Питагора, а тој и неговите следбеници не јаделе месо од здравствени и етички причини.
Првото вегетаријанско друштво во Лондон е основано во 1847. година, а еден од членовите на ова друштво подоцна, во периодот кога студирал во Велика Британија, бил и Махатма Ганди.
Вегетаријанството го практикуваат и растафаријанците, индусите, будистите и други. Но, покрај религиозните верувања, вегетаријанството има и други мотиви: некои не јадат месо затоа што не сакаат да повредуваат животни, а други не го прават тоа од нутриционистички причини затоа што веруваат дека вегетаријанската исхрана е поздрава.
Но, на оваа листа на вегетаријанци неодамна се приклучи и друга група: оние кои не јадат месо од еколошки причини. Имено, современите фабрики за месо се големи загадувачи, трошат огромни количини вода и фосилни горива и испуштаат големи количини на стакленички гасови, првенствено, метан.
Исто така, за одгледување на стока е потребна огромна количина земја, па така истражувањата покажале дека количината на земја потребна за одгледување на храна за животните со чие месо ќе можат да се нахранат десетина луѓе, е иста на количината на земја што е потребна за на неа да се одгледаат житарки со кои би можеле да се нахранат стотина луѓе.
Има сè повеќе еколошки вегетаријанци
Сето ова е причина што меѓу вегетаријанците има се поголем број на еколошки вегетаријанци кои не јадат месо за да ја заштитат природата. Но, дали би можеле да се откажете од месо за да ја спасите нашата планета? И додека помладите некако ќе се решат на тој чекор затоа што пораснале со приказни за екологија и стакленички гасови, дали можат и постарите да се откажат од сланина, колбаси и чорби за да ѝ помогнат на природата? Истраживме кои се опциите ако секој залак месо е проследен со грижа на совест.
Г-ѓа Бланка (60) е вегетаријанец скоро една деценија. На тоа најмногу ја навела грижата на совест поради страдањата што ги преживуваат животните во индустриското производство на храна, но и од здравствени причини.
„Во одреден момент од мојот живот, месото почна да ми пречи и бидејќи веќе ми беше многу тешко поради ужасите низ кои поминуваат овие животни, преминот кон вегетаријанството воопшто не беше шокантен. Всушност, се чувствував подобро, некако ослободено“, вели Бланка.
Таа веднаш објаснува дека е вегетаријанка, што значи дека не јаде месо, но јаде јајца и млечни производи. Но, исто така планира да се откаже и од тоа со оглед на еколошката компонента и страдањето на животните во млечната индустрија и во индустријата за јајца.
„Генерално, терминот „месна индустрија“ ми е ужасен. Па, не е тоа само производство на месо, тоа се живи суштества! Ужасите низ кои поминуваат овие кутри суштества се незамисливи. Ние како луѓе едноставно немаме право да мачиме други живи суштества. Ние го немаме тоа право, особено затоа што имаме и други опции“, вели Бланка.
„Еве, се откажав од месото пред десет години, па сега сум всушност лактовегетаријанец – тоа се оние кои не јадат месо, ама јадат јајца и млечни производи. Но, планирам да се ослободам и од тоа“, вели Бланка и објаснува дека меѓу вегетаријанците има и лакто-вегетаријанци кои јадат млечни производи, пескетаријанци кои јадат риба и не се сметаат за вистински вегетаријанци, фрутаријанци кои јадат само овошје, флекситаријанци кои ја прилагодуваат својата исхрана, макробиотичари кои избегнуваат месо и внимаваат да ги земаат само оние намирници што се достапни во нивната природна околина и слично.
Што ако не сме подготвени целосно да се откажеме од месото?
Но, што ако не сме подготвени да се откажеме од сланина и чварки? Едно од решенијата би можело да биде свртувањето кон месо од домашно производство, што е одлука која за себе, но и за нејзиното семејство ја донела Катарина од Загреб.
„Не знам кога последен пат сум купила парче месо од индустриско производство“, вели Катарина, пензиониран наставник по англиски јазик. „Не му верувам на тоа месо, мислам дека има многу антибиотици и некои други адитиви, такашто воопшто не е здраво. А за фармите кадешто се одгледуваат овие животни и кои личат на концентрациони логори, воопшто да не зборувам“, вели Катарина.
Затоа, пред неколку години престанала да купува индустриски произведено месо и нашла семејна фарма преку која се снабдува со свежо месо и производи од сувомеснати производи.
„Овој господин е од околината на Велика Горица и ги одгледува своите домашни свињи, кокошки, мисирки и слично. Сите овие животни трчаат низ дворот цел живот, згора на тоа, свињите имаат заградено парче шума, такашто живеат во сосема природна средина. Овие животни имаат убав живот, па фактот дека на крај ги јадеме не е ништо страшно или нехумано. Сето тоа е природно, но одгледувањето животни во индустриски услови во никој случај не е добро – ниту за тие животни, ниту подоцна за луѓето што го консумираат тоа месо“, вели Катарина.
Таа додава дека има еден проблем, а тоа е цената. „Да, месото што се одгледува на овој начин е навистина поскапо. Но, во секој случај јадеме премногу месо. Кај нас ручекот без месо воопшто не се смета за вистински ручек, и тоа е сосема погрешно. Човек воопшто не треба да јаде месо секој ден. Три или четири дена неделно е сосема доволно да се јаде месо, па во тој случај цената нема да претставува таков проблем ако не го јадете секој ден“, вели Катарина.
Концептот на природно одгледување на животни за храна го видела пред многу години во Австрија. Таа таму ја посетила фабриката за чоколади Зоттер во близина на Грац, во чии рамки се наоѓа и фарма со автохтони животни. „Тие ја нарекуваат ‘јадлива зоолошка градина’ затоа што сите оние животни кои живеат таму во идеални услови всушност ќе бидат изедени на крајот, но дотогаш тие имале совршен живот. И така би требало да изгледа тоа генерално: човекот е сештојад и мислам дека месото е важно за здравјето, особено кај малите деца. Но, оние животни што ќе ги јадеме, не смееме да ги мачиме. Затоа решив дека месото што го ставам на чинијата потекнува од животно кое имало убав живот и живеело достоинствено“, вели Катарина.
Месото може да се одгледува и во лабораторија
Но, што е со оние на кои не им е прифатливо никакво убивање животни – дури и ако тие животни претходно живееле во одлични услови – а сепак, одвреме навреме сакаат да видат миризливо парче печено месо на чинија? Современата технологија повторно нуди решение за вакви случаи – иако ова решение сè уште се смета за контроверзно и не е многу прифатливо за секого.
Имено, станува збор за месо одгледувано во лабораторија. Бланка од почетокот на нашата приказна нема проблеми со таквото месо и едвај чека да станат достапни стековите произведени во лабораторија и да се најдат на полиците на супермаркетите. „Тоа е месо одгледувано во лабораторија, буквално, од една клетка. Значи, тој стек или плескавица никогаш не бил дел од живо животно, туку тоа парче месо било одгледувано во лабораторија“, вели Бланка.
Ова лабораториско месо се произведува со помош на многу исти техники за инженерство на ткива што традиционално се користат во регенеративната медицина, вели Бланка, додавајќи дека од нутриционистичка гледна точка, тоа месо е исто вредно како и месото на заклано животно.
„Всушност, верувам дека е уште подобро затоа што сигурно не содржи антибиотици, хормони за раст и разни други работи со кои денес ги клукаат животните кои се одгледуваат индустриски. Едноставно, тоа е чисто месо и едвај чекам да го пробам“, вели Бланка.
Од друга страна, Катарина сè уште не се согласува со месото одгледувано во лабораторија. „Малку ми е одвратно, но претпоставувам дека сето тоа е прашање на навика. Значи, дури и сега кога ќе ги погледнете сите делови на животни што ги јадеме и како доаѓаме до тие парчиња месо, постојат и постапки од кои некои луѓе се згрозени. Ако лабораториското месо стане вообичаено, претпоставувам дека сите ќе се навикнеме. Но, не знам дали е можно да има ист вкус како и шницлата од жива свиња“, вели Катарина.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pexels-Pixabay