Јадењето ореви може да помогне во спречување рак на простата

Истражувачите забележале дека јадењето ореви во умерени количини може да им помогне на мажите да се заштитат од рак на простата.

0
205

Истражувачите од Калифорнискиот универзитетот во Дејвис велат дека оревите, покрај тоа што помагаат да се намали вишокот холестерол и да се зголеми чувствителноста на инсулин, можат да ги намалат и нивоата на протеини поврзани со рак на простата.

Според нутриционистот Пол Дејвис, кој бил главниот истражувач на студијата, нивните откритија даваат дополнителни докази дека оревите, иако се богати со масти, всушност се одличен прилог за здравата исхрана.

Како што е детално објаснето во нивната студија, тимот на Дејвис ги хранел глувците (сите биле генетски предиспонирани за развој на рак на простата) со цели ореви или со масло од ореви 18 недели. Во споредба со оние кои јаделе иста храна, но без ореви, глувците кои се хранеле со ореви развиле многу помали и побавно растечки тумори на простата. Истражувачите исто така откриле дека исхраната богата со ореви помага да се намали растот на рак на простата за 30 до 40 проценти. Ова, забележале Дејвис и неговиот тим, може да биде поврзано со пониските нивоа на сличниот на инсулин, фактор на раст (IGF-1), протеин силно поврзан со рак на простата, а кој го забележале кај глувците кои се хранеле со орев.

Покрај утврдувањето на ефектите од исхраната богата со ореви врз растот на туморот на простата, експериментот на истражувачите врз глувци е направен и за да се утврди кои компоненти на оревот се одговорни за нивните антитуморни својства.

Познато е дека оревите се богати со хранливи материи како цинк, магнезиум и селен. Тие се исто така одличен извор на влакна и есенцијални масти како омега 3 масни киселини, кои меѓу другото се познати по своите придобивки за срцето и мозокот. За да откријат дали овие здрави компоненти, особено омега 3, придонесуваат за антитуморното дејство на оревите, истражувачите користеле масло од соја како контрола. Маслото од соја има сличен профил на масните киселини како оревите. Истражувачите откриле дека додека оревите и маслото од орев го намалуваат холестеролот и го забавуваат растот на рак на простата кај глувците, маслото од соја не го прави тоа.

Ова го потврдило нивното сомневање дека други состојки на оревот или комбинација на овие хранливи состојки се одговорни за подобрувањето, а не само омега 3 масните киселини.

Од друга страна, истражувачите откриле дека оревите можат да влијаат на експресијата на гените вклучени во растот и метаболизмот на туморот. „Изгледа дека енергетските ефекти од намалувањето на IGF-1 влијаат такашто ракот не може да расте толку брзо како што би можел инаку.

Исто така, намалувањето на холестеролот значи дека клетките на ракот можеби нема да добијат доволно за да овозможат брз раст на овие клетки“, објаснил Дејвис. Покрај експресијата на IGF-1, Дејвис и неговиот тим откриле дека некои компоненти на оревите, исто така, влијаат на активностите на протеините како што се адипонектин, супресорот за тумор PSP94 и COX-2, сите маркери за намален ризик од рак на простата. Сепак, тие не биле во можност точно да утврдат кои соединенија во оревите учествуваат во забавување на растот на овој вид рак.

Слична студија спроведена од истражувачи од Универзитетот во Тексас дошла до истиот заклучок. Истражувачите забележале дека јадењето ореви во умерени количини може да помогне да се заштитат мажите од рак на простата.

Овие откритија се особено важни, со оглед на фактот дека ракот на простата погодува еден од шест американски мажи, што го прави најчест карцином кај посилниот пол.

Според експертите, факторите на животната средина, како што е исхраната, играат важна улога во развојот на рак на простата. Иако е вистина дека јаткастите плодови се одлични намирници што може да се додадат во здравата исхрана, тие се разликуваат во хранливите материи и растителните соединенија што ги даваат. На пример, оревите содржат елагитанини, мелатонин и гама-токоферол, сите познати по нивната способност да го намалат оксидативниот стрес, воспалението и генската експресија поврзани со хронични болести како што е ракот.

Фото: Pexels