Домашно млеко и сирење од соја? Зошто да не…

Соја во зрна можете да купите во продавница за здрава храна и да пробате да направите соино млеко без никакви вештачки додатоци, а зошто да не - и сирење од соја

0
196

Состојки за соино млеко и сирење од соја (тофу):

100 гр непечена соја,
1 лажица мед,
вода,
1 лимон (само ако правите и тофу сирење).

Ви требаат и:

2 тенџериња,
машина за мелење месо или блендер

1 памучна крпа

Приготвување на соја млеко:

Ставете 100 г соја во еден сад, прелијте ја со половина литар вода и оставете ја да кисне преку ноќ.
Наутро исцедете ја сојата и смелете ја (кога ја мелете со мелница за месо, добивате околу 50% повеќе тофу сирење отколку кога ја мелете во блендер. Се зависи од тоа колку добро ќе ја смеле блендерот – колку поситно, толку подобро).
Ставете ја мелената соја во тенџере, додадете еден литар вода и варете ја додека не зоврие.
Кога ќе зоврие, тргнете го тенџерето од оган и оставете малку да се излади.
Потоа, земете друго тенџере, и исцедете ја содржината преку памучна крпа. Кога добро ќе го исцедите млекото, оставете го тоа што ви останало на страна. Ова се вика окара и ако сакате, можете да го користите за да направите вегетаријански хамбургери.
Бидејќи соиното млеко добиено на овој начин нема толку убав вкус, добро е да додадете некој подобрувач на вкусот, како што е ванила со 1 лажичка мед.
Исто така, ако планирате да го пиете веднаш, можете да додадете некое овошје (на пр. банана).

Соја сирење или тофу се подготвува на следниов начин:

Ако сакате да направите „тофу сирење“, не треба да го засладувате добиеното млеко од соја. Само ставете го на оган и оставете го повторно да зоврие.
Кога ќе зоврие, задолжително тргнете го тенџерето од оган и дури потоа додадете сок од лимон (4 лажици сок од лимон на 1 литар млеко од соја).
По неколку моменти, ќе забележите дека сокот од лимонот реагира со соиното млеко и дека млекото почнува да се шири.
По половина час земете памучна крпа и исцедете го сирењето.
На крај, додадете малку сол и други зачини по ваша желба, како на пр. копар, црвен пипер, итн.
Од 100 грама соја, добивате количина од околу 100 грама сирење, такашто се исплаќа да се направи сирење од соја само ако правите поголема количина.

Фото: Pixabay