Тарт со тиква

Секогаш кога ни треба инспирација, одиме да ги прелистаме рецептите на 'Ситно сецкано'. Оттаму и овој рецепт за тарт со нашата омилена есенско-зимска намирница

0
397

Состојки за тестото:

1 шоља брашно (од кои 1 лажица пченкарно, а останатото бело и интегрално грахам брашно)

½ лажица шеќер

60 г ладен путер исечен на коцки

2 лажици павлака

2 лажици ладна вода (или колку што е потребно)

За филот:

Тиква

1 лажица темно кафеав шеќер

малку мелен цимет, каранфилче и пимент

Приготвување:

Измешајте ги брашното и шеќерот, па додајте ги коцките путер и мешајте со прсти или со блендер за тесто додека не се направат зрнца. Додадете ја павлаката и една по една лажица ладна вода и мешајте го тестото сé додека не успеете да ги споите зрнцата во топка тесто.

Тестото може да се направи и неколку дена однапред и да стои во фрижидер додека не ви притреба, или да се замрзне на подолго време.

Ако пак го правите истиот ден, оставете го во фрижидер, завиткано во кеса или поклопено во ванглата, додека да ја подготвите тиквата.

Излупете ја тиквата, исчистете ја од семки и исечете ја на тенки резанки. Развлечете го тестото со сукало, врз малку побрашнета површина и префрлете го во плитко тавче или развлечете го врз хартија за печење, па заедно со хартијата ставете го во големо тавче.

Наредете ги тенките парчиња тиква со мало преклопување. Во мал сад измешајте 1 лажица темно кафеав шеќер со малку мелени цимет, каранфилче и пимент и поросете ја тиквата со тоа. Преклопете ги краевите од тестото врз филот, правејќи фалти.

Можете тестото да го премачкате со млеко и да го поросите со кафеав шеќер. Ставете го тартот да се пече околу 20-25 минути, во рерна загреана на 175°C, или додека тиквата не е малку омекната, а тестото заруменето.

Овој рецепт за тарт е од блогот за храна ‘Ситно сецкано’.