Нашата соговорничка Билјана Митреска ја запознавме како дел од тимот на Слоу Фуд Водно, а таа самата пак, за првпат слушнала за оваа организација во студентските денови и оттогаш, токму благодарение на влијанието на филозофијата на Слоу Фуд успеала да смени многу навики и во исхраната, и во животниот стил.
По професија е магистер по квалитет на храна и хемија на природни продукти, а дипломата ја стекнала на постдипломски студии во Медитеранскиот Агрономски Институт Ханја – Грција. Моментално работи како администратор во приватна компанија, но и како проектен координатор во Слоу Фуд Водно на проектот „Храна за промени како одговор на климатските промени“.
„За Слоу Фуд слушнав уште додека студирав на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, а ги запознав како група на саемот за Земјоделие во 2011. година. Тогаш беше во зародиш и младинската организација во која после бев најактивна.
Во текот на студентскиот живот ги имав најбунтовните години, студирајќи агрономија и преработка на храна имав многу отворени прашња околу функционалноста на системот за храна и неговите последици. Слоу Фуд филозофијата беше и сѐ уште е најдобар начин преку кој можам да придонесам за промена, индивидуално, но и во поширок контекст. Веднаш после запознавањето со организацијата лесно се вклопив со луѓето, идеите и духот што целата организација го носи“, раскажува Билјана, или како што ја викаат нејзините ‘слоуфуд пријатели’ – Биле.
Вели дека се обидува да го аплицира слоу фуд живеењето во својот секојдневен живот и дека забележува дека токму под влијание на Слоу Фуд успеала да промени многу навики и во исхраната и во животниот стил.
„Никогаш не сум била голем фан на брзата храна, но после Слоу Фуд повеќе размислувам за потеклото на храната, начинот на подготовка и луѓето кои ја произведуваат.
Една од поголемите промени кои ја направив е тоа што пред пет години се откажав од месото, иако тоа и не е во целосна согласност со слоу фуд филозофијата, но е нешто што го направила сама за себе, за животните и за околината. Бидејќи има среќа да живее блиску до село среќна е поради можноста да купува од луѓето кои живеат и произведуваат таму и со кои се познава лично. „Секако, поминувам време и по пазарчињата и си муабетам со бабичките кои имаат свои производи.
И самите имаме градина, но за неа е главно одговорна мајка ми. Оваа година и јас повеќе ѝ се посветив заради тоа што бев дома и го користев времето да се тргнам од екраните. Она што е секогаш мое задолжение и најголема љубов во градината се зачинските билки како рузмарин, жалфија, нане, босилек, маточина, невен, темјан, лаванда и други, кои не бараат многу време, а нудат безбројни бенефити и ароми, а можат да се одгледуваат и во саксија, само ако се има желба.
Инаку, не испуштам шанса при шетање да ги пронајдам и локалните производители и да си купам нешто што не се наоѓа по маркетите. За мене голема е разликата помеѓу производ кој поминал низ многу машини и производ кој е направен со раце и со љубов“, вели Билјана која и самата, со оглед на тоа што голем дел од годината го поминала работејќи од дома и имала доста време да пробува и да експериментира, готви често и со многу љубов.
Вели дека толку многу ужива во готвењето и експериментирањето, речиси никогаш не направила исто јадење, туку секое мора да има макар еден зачин поинаков од претходниот пат.
„Омилена храна ми е медитеранската, а ова особено ми се потврди додека шетав по Медитеранот кадешто едноставно секогаш имате големи количини на свежо овошје и зеленчук на располагање како и неодоливи тестенини и пецива кои се мојата најголема слабост“, признава Биле.
Таа преку Слоу Фуд открила повеќе намирници и јадења кои денес не само што ѝ се омилени, туку и секојдневно се дел од нејзината исхрана.
„Наутот почнав интензивно да го користам после некоја работилница во Слоу Фуд, на почетокот ми беше откритие, а сега ми е составен дел во исхраната и секојдневно го ставам во салати, чорби, во намази (хумус), речиси во секоја варијанта. Омилени ми се и два президиуми кои претходно биле номинирани во арката на вкусови. Буковската пипер што може да се користи во речиси секое јадење што доби неверојатен публицитет и кај нас, и пошироко, и навистина ретко кој може да остане рамнодушен на таа арома која мене лично најмногу ме потсетува на дома. Вториот би бил президиумот станушина што исто така е автохтона сорта на лоза која ми е помеѓу омилените локални вина, заедно со темјаниката“, објаснува таа.
Омилен дел од нејзината активност во Слоу фуд, вели, ѝ се учењето и едукацијата, заедничкото работење кон постигнување на одредена цел.
„Можам да се посветам со часови истражувајќи и пишувајќи на темите поврзани со храната без да забележам колку време поминало. Секако, дел од учењето е и размената на информации, дебатите, презентациите и форумите кадешто може да се научи од секого, без разлика на возраста или професијата.
Моментално, како Слоу Фуд Македонија сме посветени на повеќе теми паралелно, она што некако ја обележа 2020.година е кампањата „Храна за промени“, кадешто максимално се посветивме да допреме до поголема група на луѓе што ќе ги слушнат последиците од климатските промени и потребата за сечиј придонес.
Исто така, ако во претходните години беа интензивирани активностите со фармерите, оваа година може да се посвети на готвачите како последната и најважна алка во синџирот на системот за храна. После неколку успешни заеднички активности и официјално се формираше алијансата за готвачи што ќе може да функционира како независно тело во Слоу фуд, со сопствени активности и идеи. Таа приказна продолжува и моментално работиме заедно со рестораните за нивно запознавање со идејата на Слоу фуд и постепено вклучување и заеднички соработки“, објаснува Билјана.
Што се однесува до младинската организација и прашањето дали помеѓу младите преовладуваат оние кои се про/слоу-фуд или оние кои се про/фаст-фуд ориентирани, вели нашата соговорничка, особено последниве години се кршат копјата околу преференците во исхраната кај младите и токму затоа се појавија многу нови движења за храна кои се перцепираат како трендови и култура на живење. Во едно друштво можете да најдете луѓе кои се исхрануваат со брза храна, традиционална храна, вегани, вегетаријанци, поборници за сирова исхрана, за органска храна, и многу други. Дури чудно би било да не се начне некоја од овие теми при собирање на група млади. Сепак, сѐ додека имаме отвореност кон прашањата за храна, на добар пат сме, тоа значи дека размислуваме и последователно носиме одлуки.
Што се однесува до фаст-фудот и јас имам свои моменти и слабости, особено во друштво, а и не сакам ектремизми. Особено интересен дел од брзата храна ми е уличната храна (стрит-фуд), која се разликува по градови и држави и не е стандардизирана од некој корпорациски ланец, завршува Билјана.